Лоша здравствена состојба на Српскиот патријарх (20.11.2007)
„Српскиот патријарх Павле во ноќта меѓу саботата и неделата ја преброди досега најтешката здравствена криза. Во текот на вчерашниот ден имаше незначително подобрување, но состојбата повторно се влоши. Поглаварот на СПЦ е во тешка општа состојба и животно е загрозен. Прогнозите не се позитивни, на патријархот му попушта и срцевиот мускул, а има и белодробна емболија“, известува српскиот весник „Блиц“
Српскиот патријарх не е приклучен на апарати, но засега нема изгледи дека наскоро ќе биде пуштен од ВМА.
Во Патријаршијата велат дека неговата здравствена состојба е непроменлива.
„Фала Му на Бога, состојбата на патријархот е стабилна“, велат во Патријаршијата и додаваат дека митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј го причестил во саботата, како и обично, и дека се надеваат на скоро оздравување. Митрополитот Амфилохиј се надева дека патријархот во текот на неделата ќе излезе од ВМА, што пак, одрекуваат во болницата.
Поглаварот на Српската Православна Црква се наоѓа на лекување на ВМА веќе 20 дена. Во Патријаршијата велат дека патријархот соработува со лекарите, дека е свесен, дека зема храна, и дека не е приклучен на апарати и дека слабоста настанала поради неговите 93 години. Се надеваат дека патријархот ќе ја преброди моменталната криза и дека пред народот ќе се појави за Божик.
Освен персоналот на ВМА, покрај патријархот кој е сместен во ВИП апартман, постојано се и двајца монаси и еден студент по теологија, кои се тука да му потпомогнат на патријархот бидејќи тој не може да се движи сам.
Патријархот беше примен на ВМА во декември 2005 година кога беше констатирано дека има повреда на колкот. По повредата неколкупати беше тука сместен заради редовна контрола. Заради опоравување и лекување престојуваше во Селтерс бањата и во Бања Ковиљача, каде што во 1944 година докажа дека е спремен да ја победи болеста и тогаш кога тоа е невозможно. Таа година во Бања Ковиљача патријархот работел како вероучител во домот за деца - избеглици од Босна, кога тешко заболел од туберкулоза.
„Тоа беше тешка болест која во тоа време не оставаше никаква надеж за оздравување“, кажувал патријархот потсетувајќи на тие денови.
Лекарите тогаш кажале дека му преостанува уште три месеци да живее. Пратен е во манастирот Вујно, каде што добил инструкции за време на Литургијата да не влегува во храмот, да не јаде заедно со останататите монаси и со нив да одбегнува каков било контакт за да не ги зарази со оваа болест. Исцрпен и сам, се затворал во својата келија. И еден ден почнале да се појавуваат знаци на оздравување.
Извор: српскиот весник „Блиц“
P.S. Да се помолиме сите за него.
(од редакцијата на сајтот на МПЦ)