Од Канцеларијата на Грчкиот архиепископ (25.11.2007)
„Истовремено во последниве денови примаме мноштво пораки кои бараат од Неговото Блаженство да се спротивстави на признавањето на FYROM со името Македонија. Неговото Блаженство беше известен за овие пораки со кои се бара остро вмешување на нашата Црква по тоа прашање. Тој потсетува дека позицијата на Црквата многу добро им е позната на сите фактори на државата.
Тој се радува на чувствителноста на народот и нѐ моли сите да имаме потполна доверба во мудроста и стабилноста на севкупното наше политичко раководство.“
Од Канцеларијата на Грчкиот архиепископ Христодул
Извор: Ecclesia.gr
Коментар од редакцијата на сајтот на МПЦ
Како што можеме да забележиме, оној што пишува во името на Неговото Блаженство г. Христодул (на кого пак сигурно ни на крај памет не му паѓа таква будалаштина, во состојбата во која се наоѓа) ги потсетува сите дека: „позицијата на Црквата многу добро им е позната на сите фактори на државата“. Секако, ова потсетување е само формалност, бидејќи истата етнофилетистичка политика на Грчката Црква позната е веќе со векови наназад така што сите ние (мислиме на сите православни) денес ги вкусуваме нејзините плодови односно ова растурено Православие кое само Господ може да го собере...
За среќа, истиот текстописец, кој се крие зад името на Архиепископот, наместо да вети вмешување на Црквата, „ги моли сите да имаат потполна доверба во мудроста и стабилноста на севкупното нивно (грчко) политичко раководство“. Ние, пак, се надеваме дека тоа политичко раководство е доволно ‘стабилно и мудро‘ да не се спротивстави на политиката на Соединетите Американски Држави за регионот на Балканот. Бидејќи, ние Православните очигледно не сме нормални сами да ги решиме нашите проблеми, не ни останува ништо друго освен да чекаме истите Бог да ги реши преку Соединетите Американски Држави. За сега, му благодариме на Бог, ваквиот развој на настаните на нас Македонците ни одговара...