Делегација од Ватикан во Истанбул
 
 
 
 
 

Делегација од Ватикан во Истанбул (30.11.2007)

Делегација од Ватикан предводена од кардиналот Валтер Каспер пристигна денеска во Истанбул по повод свеченостите коишто се одржуваат во Цариградската патријаршија во Фанар на празникот на свети Андреј, заштитникот на Патријаршијата.

Според известување од Патријаршијата, пристигнувањето на делегацијата од Ватикан во Патријаршијата на овој празник е вообичаено и е во чест на средбата меѓу Патријархот Атинагора и Папата Павле VI кога замрзнатите односи помеѓу двете Цркви почнале да се одмрзнуваат. Свеченостите во Патријаршијата ќе завршат во петок вечерта со прием на кој ќе присуствуваат дипломати и делегацијата од Ватикан.

„Римскиот папа Бенедикт XVI му испрати послание на Цариградскиот патријарх Вартоломеј во кое ја истакнува важноста на постигнувањето на христијанско единство“, соопшти информативната служба на Римската црква.

Посланието од папата на поглаварот на Цариградската патријаршија му го предаде кардиналот Валтер Каспер.

„Во овие први години од третото илјадалетие неопходни се нашите напори за одговор на многуте предизвици на времето, кои ги засегаат сите христијани и на кои сме должни уверено да одговориме со еден глас“, се вели во посланието на папата.

Папата рекол дека Римокатоличката црква има намера да ги зајакне братските односи и развојот на богословскиот дијалог со православните. Во врска со тоа тој изрази надеж дека несогласувањата, настанати во текот на заседанието на Мешаната комисија на православно-католичкиот дијалог во октомври во италијанскиот град Равена, наскоро ќе бидат појаснети и разрешени за на следното заседание на Мешаната комисија да учествуваат сите нејзини членови.

 

 

 

Поздравно слово на Цариградскиот патријарх Вартоломеј до делегацијата на Римската црква на празникот на Престолот на Цариградската патријаршија

 

 

 

Ваша Екселенцијo кардинал Валтер Каспер, и возљубени браќа во Христа кои ја составувате делегацијата на Римската црква,

 

Со особена радост ве пречекуваме денеска тука во историскиот Центар на Православието, по повод празнувањето на радосниот празник на Вселенскиот Престол. Вашето присуство тука ги засилува и зацврстува врските на љубов и доверба меѓу нашите две Цркви, врски кои беа негувани во последните децении и кои беа особено зацврстени со овдешната посета минатата година на Неговата Светост, нашиот возљубен брат во Христа, Римскиот папа Бенедикт XVI и неговото сесрдно учество на Престолниот празник на Вселенската Патријаршија.

Денеска сме особено трогнати бидејќи, оваа година, ги чувствуваме видливиот благослов и духовна радост при чествувањето на основателот и заштитникот на Црквата на Константинопол, славниот и првоповикан меѓу Апостолите, Андреј, чиишто мошти, великодушно и благодатно ни беа дадени со љубов од Неговата Светост за време на нашата неодамнешна посета на Неапол, враќајќи ги од Амалфи на Престолот на Патријаршијата, за да останат тука заради осветување на нашите верни и како знак на заедница со Апостолот, којшто денес го славиме, исто така и на братското единство на христијаните низ светот.

Се потсетуваме на убавите спомени од неодамнешната средба со Неговата Светост во Неапол, како и на нашиот конструктивен и братски разговор таму. Оваа средба допринесе за понатамошно негување на атмосферата на пријателство и соработка меѓу нашите две Цркви, зајакнувајќи ги и понатамошните односи меѓу нас. Ние отсекогаш верувавме дека сопостоењето на христијаните во мир, во дух на единство и еднодушност, мора да биде основна грижа на сите нас.

Токму ова го потврдивме и заедно го потпишавме со Неговата Светост во Заедничката декларација за време на неговата посета минатата година, нагласувајќи „дека ги споделуваме истите чувства и истите ставови за братство, соработка и заедница во љубов и вистина.“ (Заедничка декларација на папата Бенедикт XVI и Патријархот Вартоломеј)  

Во времето кога, како што веќе заедно нагласивме минатата година, го гледаме „растежот на секуларизацијата и релативизмот, па дури и нихилизмот, особено во Западниот свет“ (Заедничка декларација), мораме да најдеме поттик во примерот на Апостолот Андреј, кој „ги истрпел многуте искушенија во сите земји и кој во многуте потешкотии останал секогаш исправен со помошта Христова и заради верните.“

Затоа, празнувањето на Апостолот ни пружа прилика, заедно пособрано да се помолиме за возобновување на единството во христијанскиот свет. Нарушувањето на ова единство беше причина за толкуте проблеми во човештвото, додека неговите последици се покажаа трагични. Филозофијата на Просветителството на Западот и Француската Револуција запалија вистинска културна револуција која имаше за цел замена на претходната христијанска традиција на Западниот свет со нов, нехристијански, концепт на човекот и општеството. Револуцијата на многу начини предизвика растеж на практичниот материјализам во современите општества, но исто така и на различните форми на воениот атеизам и тоталитаризам кои, во последните два века, за жал однесоа животи на милиони невини жртви. Оние, кои останаа верни на христијанските вредности, беа воведени во оваа нова културна средина преку разни процеси сѐ до губење на концептот на Светите Тајни во Бога и Неговото живо почитување, кое е вистински сочувано на Истокот, како и на претворање на религиозниот живот во хуманистичко-етички преку релативизација на доктриналните формулации.

Затоа, денеска, наша должност е, повеќе отколку порано, да ги возобновиме христијанските корени на Европа и духовното, светотаинско и доктринално единство кое што го имавме пред расколот на нашите две Цркви. Повторната евангелизација на нашите народи е „денес, повеќе отколку било кога порано, правовремена и неопходна, дури и во традиционалните христијански земји“, како што признавме и исповедавме заедно тука, точно пред една година. 

Затоа, веруваме дека Западна и Источна Европа мора да престанат да се сметаат за туѓи една на друга. Контактот меѓу христијаните со латинска традиција и со православна вера, за двете страни најпродуктивно може да се надокнади. Празникот на свети Андреј Апостолот, кого го славиме денес, ги повикува сите христијани на светот да се вратат во полнотата и чистотата на христијанската традиција на раната Црква. Примерот кој што ни го остави Апостолот Андреј, кој остана верен на Својот учител во најтешките околности, сакајќи го повеќе Крстот Христов од било каков компромис, нѐ повикува на некомпромисен отпор пред деструктивните последици на потрошувачката култура денес, пред зголемената релативизацијата на нашата догма и вера, пред „различните облици на експлоатација на сиромашните, емигрантите, жените и децата“, како што признавме минатата година, како и на „заедничката работа на почитување на правата на секое човечко суштество, создадено според образ и подобие на Бога.“ Првоповиканиот меѓу Апостолите, Андреј, можеше да ги смени потребите на неговата проповед за да ја избегне страшната смрт, којашто му се закануваше од владетелот на Патар. Тој повеќе ја сакаше вечната слава на Господ отколку лесен компромис, „хулењето заради Христа го сметаше за поголемо богатство“ (Евреите 11, 26). Тој е оној што денеска ги повикува христијаните, особено црковните водачи и пастири, „повеќе да страдаат заедно со народот Божји, отколку да имаат преодна гревовна наслада“. (Евреите 11, 26).

Денешното празнување е испратена покана за двете Цркви за единство на Крстот. Исто како што нашиот Господ Исус Христос ги рашири Своите раце на Крстот, обединувајќи ги сите претходно разделени, исто така и Неговиоит Апостол, по примерот на својот Учител, ги рашири своите раце, обединувајќи нѐ сите денес и повикувајќи нѐ духовно да ги рашириме нашите раце на крстот за да го достигнеме единството кое што го посакуваме.

Стариот Рим го има првиот свети Петар за свој Апостол и заштитник. Новиот Рим, Цариград, го има братот на свети Петар, првоповиканиот Апостол Андреј. И двајцата нѐ повикуваат на братско единство коешто тие меѓу себе го имаа и коешто единствено може да се здобие кога Крстот ќе ни стане референтна точка и искуствен пристап.

 

Затоа, да им се помолиме на двајцата браќа и најголеми Апостоли, да му дадат мир на светот и да обединување на сите...

 

Извор: Ec-patr.og, Ana-mpa, Sedmitza.ru