Руската Црква го смета неодржувањето на меѓуправославни собори за „срамота за православниот свет“ (04.12.2007)
Во Руската Православна Црква го сметаат за неопходно одржувањето на редовни сеправославни заседанија заради решавање на настанати спорни прашања меѓу помесните Православни Цркви, вклучувајќи го и постигнувањето на општо поимање на прашањето за канонска територија.
„Срамота е за православниот свет што не можеме да си ги решаваме проблемите со братски дијалог меѓу нас“, рече заменикот на претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, о. Всеволод Чаплин на црковно-научна конференција во Москва.
Тој со жалост забележа дека често единственото место за преговори меѓу Православните Цркви денес се заседанијата на Светскиот совет на црквите, кој е воглавно протестантска организација.
Истовремено, Цариградската патријаршија на свој начин ги интерпретира канонските правила изјавувајќи дека само таа „има право да свикува сеправославен собор“, напомна отец Всеволод. Исто така „веќе неколку децении механизмите за меѓуправославни консултации не функционираат“, истакна тој.
„Оние кои изјавуваат дека имаат исклучително право да свикуваат сеправославни заседанија, всушност го сопираат тој процес, веднаш штом ќе стане збор за обид да се постави прашањето за еднаквите права на Православните Цркви“, изјави претставникот на Московската патријаршија.
Резултатот на денешната криза во меѓуправославните односи, кои се наоѓаат во стадиум на „тешка и хронична болест, со смртна опасност“, според него е појавата на паралелни ерархии „не само во дијаспората, но и на канонските територии на поедини Цркви“.
„Затоа е многу неопходно одново да се вратиме на апостолскиот идеал на почит меѓу епископите со пастирска одговорност еден кон друг, основа врз која се јавува и територијалната поделба, а понекогаш, во условите во дијаспората, поделбата на јурисдикциите на помесните Цркви“, рече о. Всеволод.
Извор: Interfax