Рускиот патријарх за документот од Равена (12.01.2008)
Во интервјуто за српскиот весник „Блиц“, Рускиот патријарх Алексиј II даде коментар за документот од Равена. - Како што е познато, тој документ е наречен „Еклисиолошки и канонски последици од Светотаинската природа на Црквата. Црковно заедничарење, соборност и власт“, кој е усвоен на заседанието на Мешаната меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Католичката црква и Православните Цркви, на кое претставниците на нашата Црква не учествуваа. Таа средба помина во знак на инцидент поради кој делегацијата на Руската Православна Црква мораше да го напушти заседанието. Од непознати причини во Равена дојдоа претставници на т.н. Естонска апостолска православна црква, која Цариградската патријаршија ја формираше во 1996 година на канонска територија на Московската патријаршија. Нивното присуство на оваа средба го оневозможи нашето учество на неа. Излегува дека прашината ја дигна не толку усвоениот документ во Равена, колку што оваа непријатна случка. Меѓутоа, ние имаме сериозни забелешки и на содржината на документот. Конкретно, во неговиот 39. параграф се вели дека после расколот помеѓу Истокот и Западот во 1054 година, „што оневозможи свикување на вселенски собори во вистинското значење на терминот“, и двете Цркви продолжиле да свикуваат собори при секоја појава на сериозни кризи. „Овие собори ги собираа Епископите на помесните Цркви во општење со Римската столица или, иако сфатено на поинаков начин, со Цариградскиот престол“, се наведува во параграфот. Во параграфот јасно се укажува на мислата дека во христијанскиот свет постојат два еднакви центри – Рим и Цариград, но ние добро знаеме дека значењето на Цариградската катедра за Православната Црква не е идентично со она што е Римскиот трон за католиците. Се стекнува впечаток дека документот нуди принципиелно нов модел на црковно уредување, со што нашата Црква не може да се сложи. Затоа јасно е дека во отсуство на делегацијата на Руската Православна Црква на средбата во Равена беше значајно полесно да се внесе спомената одредба во документот. Дури, се сомневаме дека инцидентот на повикот на претставниците од „Естонската апостолска православна црква“ специјално беше испровоциран за да се исклучи привремено Московската патријаршија од дијалогот. Така, поради наведените аргументи – неучествувањето на нашата делегација на средбата во Равена и повеќе од спорната содржина на таму усвоениот документ – Руската Православна Црква го задржува правото да не го признае како израз на ставот на сите Православни во дијалогот со Католичката црква.
Извор: Blic.co.yu