Борете се – вашата иднина е во ваши раце
 
 
 
 
 

Борете се – вашата иднина е во ваши раце (13.01.2008)

Ваше Блаженство, какви се Вашите мисли, желби и молитви за празникот на Рождеството Христово?

 

Моите мисли не можат да бидат подалеку од желбата да се доближам до Таинството на Божественото Истоштение и Снисходење, доброволното откажување од Божествениот блесок и истовременото облекување на кожниот земен хитон, што вроди со Боговоплотување на Синот и Словото Божјо од љубов кон луѓето.

Ако можевме да ја оцениме големината на овој празник надвор од световните димензии и духот на ова време, тогаш би го проживеале целиот свој живот во почит и благодарност пред големината на Божјото милосрдие кое не се манифестира само еднаш во светот, туку се случува во литургиското Денес, во животот на секој што верува, којшто го отвора своето срце за реалноста на живоносната вера и се откажува од заблудите и ограничувањата на рационализмот.

Тоа се моите молитвени пораки за Рождество Христово, да се избегне сѐ што е поврзано со претераното живеење и обезвреднување на празниците и да се доживее Таинството внатрешно и опитно, во Црквата, во средината и атмосферата од неа создадени. Само на таков начин вистински може да се доживее Рождеството Христово.

Секако, особено во оваа година, кога моето здравје беше подложено на тежок испит и Самиот Бог ме посети преку мојата болест, моите мисли се свртени кон сите оние наши ближни кои боледуваат и страдаат. Во изминатите години ги посетував во болниците и другите државни и црковни установи, исполнувајќи го на тој начин својот свештен долг, согласно Христовите заповеди. Но, оваа година јас ги посетував мислено и се молев за нив уште посилно. Сега ги чувствувам поблиски сите страдалници и болни отколку порано и ги молам да имаат вера, храброст и надеж. Бог нема да нѐ остави.

 

Нашиот народ сака да ја слушне лично од Вас информацијата за вашата здравствена состојба?

 

На сите им е познато дека се соочувам со сериозни здравствени проблеми. Од самиот почеток сакав и продолжувам да сакам нашиот народ да го знае целиот тек на случувањата поврзани со моето здравје, без заобиколување и без обиди вистината да се сокрие. Чувствувам и убеден сум дека ние, црковните луѓе посветени на Црквата, не си припаѓаме на себеси. Најнапред ние ѝ припаѓаме на Црквата и на нејзините членови и кога сме успешни и кога сме ставени под искушенија.

Јас се предадов себеси во Божји раце и на знаењето и опитот на лекарите во кои имам потполна доверба. Ја знам тежината на мојата состојба, но не се предавам. Се надевам на Божјата љубов. Нека биде Божјата волја!

 

Како Ве измени тоа неочекувано искушение, како сега ја гледате Вашата поврзаност со Бог и луѓето? 

 

Болката може да дејствува на човекот на два начина: или да го ожесточи кон Бог и луѓето и да го одалечи и изопшти од нив или да го смекне, облагороди и да му даде да погледне со други очи на својот живот и на својата поврзаност со Создателот и ближните. Границите на таа двојност зависат од големината на верата. Оној, кој верува и има доверба во Бог и во Неговата волја, ги прима болката, болеста и секое искушение како Божја посета. Понекогаш човекот се двоуми и се прашува зошто се случува сето тоа, но на крајот осознава дека сето она што Бог го допушта во нашиот живот – добро, лошо, дури и трагично – Он го допшута за наша полза и за наше восовршување. Ако го разбере тоа болниот ќе се труди да заедничари со луѓето и ќе сака да стане соучесник во нивната љубов, да ја почувствува утехата од комуникацијата со нив.

Во спротивен случај – ако верата отсуствува или е површна, ако отсуствува довербата во Божјата волја тогаш Бог ни изгледа како противник и непријател, а болеста го ожесточува човекот, го прави непристапен, затворен.

Слава Му на Бог, затоа што ме укрепуваше и ја засилуваше мојата вера во овој тежок период од мојот живот и ми даде можност да го доживеам и да го направам свој начин на живот сето она за кое што ги учев и им благовестував на другите во изминатите години. Затоа, Му благодарам на Господ што не сум сам, бидејќи постојано со мене се моите духовни чеда, коишто сочувствуваат и страдаат со мене во мојата болест. Му благодарам на Бог и за тоа што полесно можам да простувам и да ја пружам раката со снисходење кон оние кои во минатото ме огорчиле и ми причиниле болка.

 

Со што се одликува Вашиот живот и Вашето управување со Црквата на Грција?

 

Со една особеност од која произлегуваат сите останати. Тоа е осознавањето на желбата на луѓето да бидат љубени, постојано да им служиме во нивните потреби – духовни или материјални. Осознавање на должноста на Свештениот Служител кон Божјиот народ. Ако тој народ преуспева, тоа значи дека нашето духовно и општествено дело е вистинско, благопријатно, плодоносно и потврдено од заедницата.

Овој факт ѝ наложува на Црквата и на нејзините луѓе да бидат предводници во арената на опшествениот живот, да се избрани работници во името на Исус Христос, достојни приматели на благочестието, на љубовта, на довербата на народот.

Тоа високо достоинство за мене било и ќе биде пред моите очи, и јас во негово име дејствувам, и ќе продолжам да дејствувам во улога на црковен човек, кој има највисоко место во црковната хиерерхија во нашата земја. Во името на тоа достоинство се и борбата, и гонењето, и жртвите, и огорчувањата, соблазните и проблемите.

 

За крај, има ли иднина елинизмот и Православието во Америка или можеби им се ближи крајот? 

 

Сѐ зависи од вас. Сето она што се предава на заборав, со време се губи. Нашите сонародници постојат и преуспеваат толку време, бидејќи дејствуваат по две основи, а тоа се елинизмот и Православната Црква, околу кои тие си го устројуваат животот и своите интереси. Ако ги почитувате и живеете тие врвни и живоносни богатства, коишто се црпат од Верата и Црквата и ако ги пренесувате на своите деца тогаш црковните општини, парохиите не само што ќе дејствуваат, туку ќе извршуваат и поголеми дела. А кога ќе го оставите живоносниот извор на Верата, кога ќе заборавите на Црквата, тогаш се асимилирате, ја прекинувате врската со своите корени и ги губите сите неопходни елементи, коишто досега биле ваша грчка или едноставно православна особеност и ќе се претворите во безличен остаток на некакво романтично минато, коешто е прекрасно, но мртво. Всушност, ако сето ова има важност за Грците коишто живеат далеку од родната земја, а посебно во Америка, уште повеќе ова важи за Грците коишто живеат во својата земја кои не се колебаат често да го бесчестат она што го наследиле од Отците.

Но, не подлегнувајте на искушенијата и на комфорот од глобализацијата. Борете се – вашата иднина е во вашите раце. 

 

Извор: Еcclesia.gr