Почина Атинскиот архиепископ Христодул (28.01.2008)
Денес рано наутро во 5 часот и 15 минути Грчката Православна Црква и сите верни поднесоа тешка загуба – на 69-годишна возраст се упокои Архиепископот на Атина и на цела Грција г. Христодул.
Два часа потоа телото на поглаварот на Грчката Црква беше донесено во болницата „Лаико“ заради утврдување на причините на смртта. По завршувањето на неопходните процедури телото на упокоениот Архиепископ беше пренесено во параклисот на катедралниот храм на улица „Митрополеос“, каде што веќе е извршена и трисагија од страна на Митрополитот на Каристија г. Серафим. Телото ќе остане во истиот храм за тридневно поклонение. Архиепископот ќе биде погребан во центарот на првото атинско гробиште со сите државни почести. Во Република Грција е прогласена тридневна жалост.
Неговата 10-годишна служба како Архиепископ ја одбележија неколку настани: прво, судирот со Владата на г. Симитис заради издавањето на новите лични карти во Грција за кои Грчката Црква сметаше дека ги нарушуваат личната слобода и приватноста на граѓаните; второ, посетата на Римскиот папа Јован Павле Втори на Атина која дотогаш беше незамислива; и трето, судирот со Цариградската Патријаршија околу т.н. Нови земји, односно делот од Македонија под грчка контрола и Тракија, во кои Епископите се бираа со дозвола од Цариградскиот Патријарх.
Летото 2001 година, Архиепископот Христодул се сретна и со делегација на Македонската Православна Црква во хотелот „Македонија“ во Солун.
Нека му е вечен споменот. Господ да го прости!
Извор: Православие.бг, Romfea.gr