Биографија на Архиепископот Христодул
 
 
 
 
 

Биографија на Архиепископот Христодул (28.01.2008)

Неговото Блаженство Архиепископот на Атина и на цела Грција г. Христодул е роден во градот Ксанти во 1939 година. Тој беше доктор по теологија, а дипломираше на правниот и на теолошкиот факултет. Се збоди со научен степен по француски и англиски јазик, а се користеше со италијански и германски јазик. Ракоположен е за ѓакон во 1961 година, а за свештеник во 1965 година. Како проповедник и како главен старешина служеше во парохијата на храмот на Успение на Пресвета Богородица во Палео Фалиро, Атина, во текот на девет години. Седум години служеше како главен секретар на Светиот Синод. Избран е за Митрополит на Димитриада (Волос) во 1974 година. Архиепископот Христодул учествуваше на неколку црковни мисии во странство. Во 1998 година беше избран за Архиепископ на Атина и цела Грција.

Автор е на мноштво научни и творечки статии и текстови. Исто така пишуваше за црковниот печат и за различни весници. Меѓу последните негови публикации се истакнуваат книгите: „Покрстениот елинизам – премин од античноста кон христијанството“, во која се опишува како Христијанската Црква успеала да обрати во верата како Грци, така и Римјани, а во книгата „Европска душа“ е разработена улогата на христијанството во создавањето на европскиот свет и перспективите на Европјаните поради искоренувањето на нивниот идентитет.

Неговата интронизација за поглавар на Грчката Црква значеше пораст на улогата на Црквата во современото општество. За време на неговото служење беа преустроени синодските комисии и беа создадени нови, кои ѝ овозможија на Грчката Црква да контролира и да се меша кога и каде што ќе процени за неопходно.

Под негово раководство социјалното дело на Црквата исто така доживеа подем. Постоечките организации беа засилени, а исто така беа создадени и нови, кои згрижуваат наркомани, имигранти, жени - жртви на насилство, самохрани мајки и жртви на трговија со луѓе. Беше создадена исто така мрежа од целодневни детски установи со цел да се помогне на мајките што работат, на сиромашни семејство и многудетни семејства.

Отворањето на „Солидарност“, невладина организација на Грчката Црква, овозможи на Црквата да укажува хуманитарна помош во Грција и надвор од неа – на Блискиот исток, Африка, Азија и Источна Европа.

Под негово раководство настапи ново време за комуникациите на Црквата. Архиепископот Христодул ја воведе Грчката Црква во дигитална епоха, вклучувајќи го оформувањето на интернет услугите, основањето на културниот центар онлајн кој вклучува дигитална библиотека, уметничка и музичка галерија и портал за вести од културата на грчки и англиски јазик.

Интересот и придонесот на архиепископот Христодул на прашања поврзани со Европа, беа исто така од централно значење. Додека беше на чело на Грчката Црква тој раководеше со специјална синодска комисија, го основа претставништвото на Црквата во ЕУ во Брисел и основа интернет сајт за цел на спојување на елементите коишто го сочинуваат европскиот дух.

 

Извор: Православие.бг