Во Токио ќе биде изграден нов руски православен храм
 
 
 
 
 

Во Токио ќе биде изграден нов руски православен храм (05.03.2008)

На 1 март 2008 година во Јапонија пристигна заменикот на претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија епископ Егорјевски Марк. Цел на неговата посета е осветување на камен темелник на црквата на свети Александар Невски во токискиот реон Мегуро, која ќе се гради под покровителство на метохот на Руската Православна Црква во Јапонија.

Од 16 март 2008 година метохот на Руската Православна Црква во Јапонија има право на сопственост на парцелата во Мегуро. Архитектонскиот проект е веќе завршен.

Во почетокот на 2008 година беа спроведени подготвителните работи за градењето на црквата.

На 2 март епископот Егорјевски Марк во сослужение со настојателот на метохот, протоереј Николај Кацјубан и клирикот на метохот протоереј Јоан Нагај, изврши осветување на камен темелникот на црквата во името на благоверниот кнез Александар Невски. Во основата на храмот е положена грамота потпишана од епископот Марк и протоерејот Николај Кацјубан.

На свеченоста присуствуваше претставникот на Јапонската Автономна Православна Црква јеромонах Герасим и многубројни парохијани, руски дипломати, претставници на градежната компанија што ќе ја гради црквата.

На 3 март 2008 година епископот Марк ја посети Воскресенска соборна црква во Токио и им се поклони на моштите на свети Николај рамноапостолен, просветител на Јапонија којшто и го основа храмот. Потоа епископот Марк се сретна со поглаварот на Јапонската Автономна Православна Црква митрополит Токиски и на цела Јапонија Даниил. На средбата се зборуваше за актуелните прашања во врска со взаемните односи на Руската и Јапонската Православна Црква.

Владиката Марк смета дека би било добро млади луѓе од Јапонија да се праќаат во духовни образовни центри на Руската Православна Црква, што би имало за цел подготовка на преведувачи кои на јапонски јазик ќе ги преведат делата на светите Отци, бидејќи тие сѐ уште во голема мера се непознати за жителите на оваа земја.

 

Извор: Patriarhia.ru