Документот од Равена и првенството на папата
 
 
 
 
 

Документот од Равена и првенството на папата (10.03.2008)

На десетото заседание на Меѓународната мешана комисија за богословски дијалог меѓу Православната Црква и Римо-католичката црква во Равена беше изјавено дека комисијата постави „цврста основа за идната дискусија по однос на прашањето за првенството во Црквата на вселенско ниво“. „Цврстата основа“, како што произлегува од 46. параграф на официјалниот документ, е признавањето дека во првото илјадалетие, до расколот во 1054 година, Римскиот епископ бил признат за прв меѓу петмината патријарси, во рамките на тогашниот нормално функционирачки соборен систем. На заседанијата исто така беше истакната темата на понатамошната дискусија за приматот: „Останува да се разгледа подлабоко прашањето за улогата на Римскиот епископ во заедничарењето на сите Цркви. Каква е специфичната функција на епископот на „првиот престол“ во еклисиологија на koinônia (заедничарењето) и имајќи го предвид она што го кажавме за соборноста и власта во овој текст? Како треба да се сфати и живее во светлина на црковната пракса од првиот милениум учењето за универзалниот примат на првиот и вториот Ватикански собор? Ова се клучни прашања за нашиот дијалог и за нашите надежи кон воспоставување на целосна евхаристиска заедница меѓу нас.“ (45 параграф).

 

Очигледно е дека темата е сериозна, но како ќе заврши овој дијалог? Според оценките на странските весници Le Figaro 15-11-2007, The Times 16-11-2007, а најповеќе во италијанските весници, се тврди дека се движиме кон обединување на црквите врз основа на признавањето на првенството на папата во замена за жртвување на некои други папски привилегии. Западот со умерен оптимизам го очекува обединувањето на римо-католиците со православните врз основа на постигнатата спогодба. Православниот Исток е многу внимателен и исполнет со загрижувачки исчекувања. Во исто време верниот народ си го поставува прашањето: нема ли да се искриви православната вера при сето ова?

 

Во наш неодамнешен напис нагласивме дека дијалогот на православните со католиците во правец во кој се развива до овој момент, покажува дека тој цели кон обединување од унијатски тип, според план разработен во Ватикан. Ние ја изразивме својата надеж дека „православните нема да попуштат пред вечните папски претензии и нема да примат унија, нема да го признаат приматот на папата во вселенската јурисдикција, нема да земат учество во ватиканските планови за обединување, кое директно или индиректно ќе доведе до запоставување на неповредената православна вера“ („Неспокојство по повод спремањето на обединување на православните и римо-католиците од страна на Ватикан“, сп. Παρακαταθήκη”, N 54).

 

Што покажува „Равенскиот документ“?

 

Постојат сериозни основи за претпоставка дека „Равенскиот документ“ ги потврдува нашите стравувања дека православните ќе отстапат пред папските претензии и еве зошто:

1. Во текстот се зборува за „Римо-католичка црква“. Тоа не е технички термин, којшто треба да го олесни водењето на дијалогот. Туку тој има длабока богословска содржина. Дијалогот се води при услов дека таа е вистинската и правоверна Црква. На оваа точка православната делегација отстапи недопустливо многу. Баламандското соопштение од 1993 година ја призна Римо-католичката црква за црква во полна смисла на зборот, а тоа веќе е суштинско отстапување од најосновните и појдовни точки во дијалогот. Истовремено, римокатолиците признавајќи ја дејствителноста на светите Тајни во Православната Црква и апостолското преемство остануваат верни на еклисиологијата на вториот Ватикански собор, додека православните во комисијата се откажаа од верата на великите свети Отци и собори. Имено, дека Римокатоличката црква отпаднала од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква и станала еретичка Црква преку силата на прифатените еретички догми.

 

2. Не многу пред Равенската средба, во јули 2007 година, Ватикан издаде прирачник „Одговори на прашања, кои се однесуваат на одредени сфаќања на учењето на Црквата“, во кое стои дека помесните Православни Цркви се изјаснуваат како „оштетени“, доколку немаат заедница со преемникот на апостол Петар. Овој документ не е ништо друго освен основна линија по која треба да се развива дијалогот. А линијата е следната: римоцентричен екуменизам во облик определен од вториот Ватикански собор. Во забелешките кон 1. параграф, православните претставници, и покрај нивните тврдења дека користењето на терминот „Црква“ не противречи на сфаќањето на Православната Црква како единствена Света, Соборна и Апостолска, во исто време не посочуваат друг определувачки принцип на православната еклисиологија, којшто не ги признава овие навестувања за валидни при Римо-католичката црква. Додека, пак, во исто време, католиците изјавуваат дека надвор од Католичката црква во останатите цркви се присутни само елементи на вистинската Црква.

 

3) Спомнувањето во „Равенскиот документ“ на апостолската вера, таинства, апостолско преемство по однос на Католичката црква е направено толку природно, што на човек му остава впечаток дека оваа црква по сите одредбени точки е православна. Но, уште свети Марко Евгеник фрлил сомнеж на дејствителноста на таинствата на Католичката црква со причина дека таа се разделила од вистинската Црква, а со ова нема како да не се согласиме. Католичката црква содржи ред еретички заблуди како филиокве, непорочното зачнување, папската безгрешност итн. Поради својот схизматичен карактер таа не може да има ниту апостолско преемство, за што уште свети Григориј Богослов вели дека апостолското преемство се утврдува од православниот начин на мислење, а кај друговерните губи смисла.

 

4) Во „Равенскиот документ“ се разгледуваат две страни на институцијата на Црквата: соборноста и власта. Страните постигнаа согласност дека во првото илјадалетие од животот на Црквата, еклисиолошката содржина на соборноста и власта се применувала како на Исток, така и на Запад, на православен начин. Во првото илјадалетие соборноста безусловно функционирала и затоа не можело да се развие никаква власт од типот на „вселенско првенство“ или „првенство на јурисдикција“. Но, со текот на вековите, Римската јурисдикција постепено го занемарувала значењето на соборноста, и на крај попуштила пред идејата за првенство на папата. Оттука произлегува несогласувањето на католичките и православните учесници во дијалогот во интерпретацијата на привилегиите на Римскиот епископ во разгледуваната епоха. Доколку римокатолиците не се откажат од својата папоцентрична интерпретација на соборноста и власта во првото илјадалетие од животот на Црквата, договорот во „Равенскиот документ“ се стреми кон признавање на вселенското првенство на папата. Само ако католиците се согласат да ја интерпретираат црковната историја во првото илјадалетие како православните, може да стане возможно отфрлањето на папските иновации во второто илјадалетие. Само под тие услови дискусијата на следните заседанија на комисијата, посветени на интерпретацијата на термините „власт“ и „соборност“, може да доведе до реално отфрлање на првенството на папата. Но, знаејќи ја стратегијата на Ватикан, не веруваме, дека католиците ќе се откажат од својот папоцентризам, како од древниот, така и од современиот, затоа што го имаат „запечатено“ со решението на своите 12 „вселенски“ собори. Тактиката на Ватикан во овие дијалози е да се погрижи да ги поништи сите богословски спогодби коишто се противат на папската curia (централната установа на папската власт). Како што православните отстапија по ова прашање со унијатите, така ќе отстапат и на следните дијалози и ќе признаат некаков вид вселенско водство на папата.

 

5) Ние сакаме католиците да се откажат од папоцентричната интерпретација на црковната историја во првото илјадалетие, затоа што со прашањето за папското првенство се поврзани сите останати скршнувања во католичкото учење, според зборовите на свети Јустин Поповиќ. Добро е богословскиот дијалог да се води врз основа на православни претпоставки. Но, треба цврсто да се држиме за нашата соборно утврдена позиција за папизмот. Во „Равенскиот документ“ категорично не постои светоотечката и соборна православна позиција. Во него отсуствува духот, којшто го раководел свети Макро Ефески на Фераро-Флорентинскиот собор во преговорите за обединување, кога уште при самиот почеток предложил основата на дискусијата да биде неповредениот Симбол на верата и неговата православна утврденост. Во „Равенскиот документ“ недостасува и едноставноста, со која свети Нектариј Егински расудува во својот труд „За причините на расколот“. А напротив, владее двосмислената „еклисиологија на заедничарењето“, со која се има предвид не заедничарењето меѓу Православните по вера помесни Цркви, туку меѓу Православната Црква и друговерната Римска црква.

 

Во „Равенскиот документ“ јасно се оцртува тенденцијата првенството на папата да биде претставено како „регулирање“ на папските привилегии, а не како длабок богословски проблем, кој се однесува на самото Таинство на Христос. Да се согласиш со првенството на една јурисдикција над целата Црква, т.е. да прифатиш дека еден епископ е глава и начелник над целата Црква, некој, на кого му е дадена и улогата на служител, е богохулство против Личноста на Христос како единствена Глава на Телото на Црквата (види Јеромонах Сергеј Јазаджиев. Господ Исус Христос – Единствена Глава на Црквата. с. 1965 – 6. р.).

 

Единствената привилегија на Римскиот епископ, со која православните се согласни, е првенството по чест меѓу петмината православни патријарси и следователно спомнувањето на Римскиот епископ на прво место во диптисите. Други привилегии на Римскиот епископ православните не признаваат. Во документот има двосмислени фрази од типот на „protoi (Епископите) треба да го признаат првиот меѓу нив“ (10. параграф). Црквата веднаш го признала првенството на римската катедра сѐ до моментот кога Римскиот епископ бил православен, но никогаш досега не му било признато никакво првенство или власт над целата Црква, уште помалку пак откако Римската црква настојува на своите еретички догми.

 

На следните заседанија на Комисијата се очекува дискусија за улогата на Римскиот епископ и за неговото првенство во „заедничарењето на црквите“. Како православни не можеме да ја прифатиме папоцентричната интерпретација на првенството на Римскиот епископ. Според оваа интерпретација, на првенството на папата му се даваат совршено неприфатливи привилегии без согласност од останатите Цркви од древната пентархија и уште повеќе – се нарушува канонскиот поредок на древната Црква.

 

Од сето изложено досега станува јасно дека Равенскиот договор не одговара на критериумите на православната еклисиологија за соборноста и власта, за да може да претставува јасна основа за понатамошна дискусија за првенството на папата. Кога станува збор за толкување на неговото првенство во второто илјадалетие, како на првиот и вториот Ватикански собор, православните претставници треба да се ориентираат во согласност со православното учење на светите Отци, за да не го следат конформистичкиот образец на мислење, условен од предизвиците на времето или настроението за власт на Ватикан. Признавањето на какви било привилегии на папата, спротивни на православната еклисиологија, без сомнеж, ќе значи унијатско единство, со кое ние никогаш не можеме да се согласиме.

 

Архимандрит Георгиј Капсанис

 

Св. Гора, 30 декември 2007 г.

Сп. «Παρακαταθήκη» № 57

 

 

Извор: Двери.бг