Пасха на Света Гора (25.04.2008)
Во Страсната седмица мноштво поклоници од целиот свет доаѓаат на Света Гора, каде што далеку од вревата на големите градови посилно може да се почувствува покајната атмосфера на манастирските богослужења. Целоноќните бденија, византиското пеење и тажното биење на манастирските камбани им овозможуваат на поклониците да го доживеат празникот на Христовото Воскресение на еден неповторлив начин.
На Велики Четврток светогорските монаси излегуваат и собираат цвеќе од градините и полјаните за да ги украсат плаштаницата на Христос и Неговиот крст. Велики Петок е ден на тихување, кога не се работи ништо. Манастирските богослужења започнуваат во 1 или во 2 часот после полноќ и завршуваат до 6 часот. Со псалми и византиско пеење на Велики Петок се изнесува крстот со Рапетието, а оплакувањето се извршува на Велика Сабота од 1 до 4 часот наутро, а во 5 часот е изнесувањето на плаштаницата од храмот. Монасите и поклониците обиколуваат околу црквата и кога ќе стигнат пред централната порта на црквата сите поминуваат под плаштаницата и влегуваат во храмот, и на тој начин го изразуваат со-погребувањето со Христос. Првото воскресение на Света Гора е во 11 часот на Велика Сабота, а бдението започнува во 22 часот вечерта и завршува во 6 часот наутро во неделата на Пасха Господова. Тогаш монасите се собираат на пасхална трпеза и јадат риба, салата и црвени јајца. Низ цела Света Гора се слуша радосното биење на камбаните, коишто ја објавуваат веста за Воскресението. Празникот исто така не завршува тука. На вториот ден од Пасха во главниот манастир на Света Гора - Протатот започнува голема литија возглавена од епископот на Света Гора, кој ја носи чудотворната икона „Достојно ест“. Литијата трае 5 часа. Литии се прават во секој манастир на Атон во вториот или третиот ден на Велигден, кога се изнесуваат чудотворните икони на обителите.
Извор: Dveribg.net