Велигден во Кина
 
 
 
 
 

Велигден во Кина (01.05.2008)

Неколку илјади православни Кинези заедно со православните од другите земји кои живеат во Кина, го пречекаа светлиот празник Велигден. Во ноќта на 27 април во Пекинг мноштво верни од Русија, Белорусија, Украина, Молдавија, Казахстан, Србија, Бугарија, Македонија, Полска, Грција, Франција, Велика Британија, Австралија и САД се собраа за пасхалната литија и ноќната Божествена Литургија во зградата на Руската духовна мисија – „Црвен дом“ при Амбасадата на Руската Федерација во Кина, во најмногубројната православна парохија на територијата на Кина.

За време на Страсната седмица во Црвен дом, поранешниот храм на Мисијата посветен на свети Инокентиј Иркутски, беа отслужени редовни богослужби. На Велики Понеделник, Вторник и Среда се служеше Литургија на Претходно осветени дарови. На денот на споменот на Тајната Вечера, на Велики Четврток, беше отслужена Божествена Литургија на свети Василиј Велики. На Велики Петок во Црвен дом се отслужи Вечерна со изнесувањето на плаштаницата и Утрена богослужба на Велика Сабота со чинот на Погребението.

Во саботата после Божествената Литургија беа осветени ‘куличи’ (традиционални руски велигденски колачи) и велигденските јајца.

Служеше протоереј Дионисиј Позднјаев во сослужение со ѓаконот Алексиј, клирик на Австралиско-новозеландската епархија на РПЦ. За време на Литургијата, Евангелието беше прочитано на кинески, црквено-словенски, руски, француски, англиски, германски и грчки јазик.

Светлото Воскресение Христово беше отпразнувано и во другите градови на Кина – во православните парохии на Шангај, Хонгконг, Шенџен, Гуанџо.

          

 

          

Извор: Orthodox.cn