Во чест на Пресвета Богородица
 
 
 
 
 

Во чест на Пресвета Богородица (02.05.2008)

Воскресението Господово претставува обнова на човековата природа, оживување, пресоздавање и враќање во бесмртен живот на првиот Адам, кој преку гревот беше усмртен, и преку смртта вратен во земјата од која беше создаден. Во почетокот, кога е создаден и повикан во живот, тој немаше видено никого од луѓето, бидејќи тогаш освен него не беше создаден, ниту пак повикан во живот, друг човек. Откако, преку здивот Божји, прими животен дух, првото што го виде беше жената, бидејќи Ева беше првото човечко суштество создадено после него. Така и вториот Адам, Кој е Господ, станувајќи од мртвите не можеше да види никого од луѓето, бидејќи никој од Неговите блиски не беше присутен, а војниците кои го чуваа гробот беа од страв како умрени; Он откако стана, најнапред виде Жена, како што чувме во благовестувањето на Марко: А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, најнапред ѝ се јави на Марија Магдалена (Мк. 16, 9).  

 

                             

 

Врз основа на кажаното се чини дека евангелистот јасно укажува и на времето во кое Господ воскресна – т.е. рано наутро – и на тоа дека во самиот час на Воскресението, најнапред ѝ се јави на Марија Магдалена. Меѓутоа, тој не го кажува тоа, што подоцна ќе им стане јасно на оние кои повнимателно расудуваат. Непосредно пред тоа, тој вели, како и другите евангелисти, дека таа Марија доаѓаше и порано со останатите мироносици на (Христовиот) гроб и штом виде дека е празен, си замина. Оттаму е јасно дека Господ воскресна многу пред тоа утро кога таа го виде Неговиот гроб. Определувајќи го времето кога мироносиците дошле на гробот, тој не рече само наутро, како погоре, туку многу рано (Марко 16, 2). Според тоа, тој овде не укажува на изгревот на сонцето, туку на маглива светлина која му претходи на хоризонтот. Нагласувајќи го ова, и Јован вели дека Марија Магдалена дојде рано, уште додека беше темно, и дека виде како каменот од гробот е одвален (Јован 20, 1).

Тогаш таа, како што вели Јован, не влезе сама во гробот, туку си замина од гробот и не Го виде Господ. Отрча и дојде кај Петар и Јован, но не ги извести за Воскресението Господово, туку за тоа дека Он е земен од гробот. Значи, таа сѐ уште не знаеше за Воскресението. На Господ едноставно не Му беше угодно да се јави во првиот час, туку по истекот на првиот час (кога веќе сосема се раздени). Постои, меѓутоа, нешто што евангелистите нејасно го објавија, а што сега јас, за ваша љубов, ќе го откријам. Значи, благовестта за Воскресението Господово од Самиот Господ прва меѓу луѓето ја прими Пресвета Богородица, што прилега и е оправдано. Таа пред сите Го имаше видено Воскреснат насладувајќи се со Неговите божествени зборови. Таа не само што Го имаше видено со очите и слушнато со Сопствените уши, туку прва и единствена ги опфати Неговите пречисти нозе, иако евангелистите тоа не го соопштуваат отворено, бидејќи не сакаат да ја наведуваат Мајката како сведок, за неверните да немаат повод за сомнеж (во Воскресението Господово).

Значи, мироносиците се жени кои одеа по Господ заедно со Неговата Мајка. Тие беа присутни и за време на спасоносните Страдања на Спасителот и се погрижија со миро да го помажат и да го подготват телото Господово за погребение. Кога Јосиф и Никодим го измолија од Пилат телото на Владиката, кога Го симнаа од крстот и Го обвиткаа во плаштаница натопена со мириси, кога Го положија во гроб во карпа, а на вратата на гробот поставија голем камен. Тука, според евангелистот Марко, беа присутни и тоа го гледаа Марија Магдалена и другата Марија, седејќи наспроти гробот. Со изразот: и другата Марија тој ја именува Богородица. Таа, исто така, се нарекува и Мајка на Јакова и Јосија, синови на Јосиф Обручникот. Освен нив, како што соопштува Лука, беа присутни и други жени кои го гледаа погребението Господово: По него одеа и жените, што беа дошле со Исуса од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово... А тие беа Марија Магдалена, и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив  (Лука 23, 55; 24, 10).

Па кога се вратија – вели – приготвија мириси и миро (Лука 23, 56); бидејќи уште не можеа да разберат дека Он е вистинскиот мирис на животот за оние кои со вера Му пристапуваат, како и мирис за смрт на оние кои упорно остануваа во неверие, и дека мирисот на Неговата облека, т.е. Неговото тело, ги надминува сите мириси, така што името Негово е Миро Излиено, кое целата вселена ја исполнува со божествен мирис. Меѓутоа, тие ги подготвија мирото и мирисите, како заради укажување почит кон Погребениот, така и заради ублажување на мирисот на распаѓањето на телото, мислејќи дека ќе го сочуваат со помазувањето.

Значи, тие ги подготвија мирото и мирисите. Саботата, според (старозаветната) заповед, ја поминаа одмарајќи се, бидејќи сѐ уште не беше дојдена вистинската Сабота и тие сѐ уште не ја познаа преблагословената Сабота – изведувањето на нашата природа од адската бездна на светла и божествена небесна височина. А во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси (Лука 24, 1). Матеј, пак, вели: Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот (Матеј 28, 1). Јован, пак, вели дека додека уште беше темно, сама дојде Марија Магдалена. Марко вели дека многу рано во првиот ден од седмицата дојдоа три жени (Марко 16, 2), а тоа дека Пасха беше во првиот ден после саботата го тврдат сите евангелисти. Што се однесува до времето, тие зборуваат за осамнување на првиот ден од седмицата, многу рано, додека беше темно, тогаш кога светлината се меша со темнината, т.е. кога на хоризонтот осамнува зора која го најавува денот. Ако некој сака точно да го одреди времето, бојата на небото почнува да се менува околу деветиот час во ноќта, кога до настапувањето на денот остануваат цели три часа.  

Меѓутоа, се гледа дека кај евангелистите постои несогласување не толку околу времето на доаѓањето на жените мироносици колку околу бројот на жените. Како што веќе реков, мироносици имаше многу, тие на гробот не доаѓаа сите одеднаш, туку во два, три наврата, во групи, во кои не беа истите личности. Сите доаѓаа во зора, но не сите во исто време. Единствено Магдалена повторно имаше дојдено останувајќи подолго (крај гробот Христов). Некои евангелисти, прескокнувајќи ги другите жени кои беа дошле, ја спомнуваат само нејзе. Меѓутоа, како што заклучувам јас, собирајќи ги изложувањата на сите евангелисти, а како што и порано кажав, пред сите на гробот на Нејзиниот Син и Бог дојде Богородица, заедно со Марија Магдалена. Вака нѐ учи особено евангелистот Матеј: Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот. И ете, стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него; лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег; а стражарите, уплашени од него, трепера и беа како мртви (Матеј 28, 1-4).

Значи, сите останати жени дојдоа откако земјата се потресе и откако стражарите се разбегаа, и го најдоа гробот отворен, а каменот одвален. Меѓутоа, Мајката Дева беше дојдена во мигот кога се случи потресот и кога каменот се одвали, (во мигот) кога сите присутни стражари, откако се повратија од стравот, избегаа. Богородица, меѓутоа, не се исплаши, Таа се израдува кога виде што се случува. Мислам дека, пред сѐ, заради Нејзе, Животодавецот и го отвори оној гроб. Сѐ она што е горе на небесата и долу на земјата пред сѐ преку Нејзе ни го откри. Он поради Нејзе го прати ангелот да заблеска како молња за Таа, додека уште беше темно, благодарејќи на обилната светлина од ангелот, да го види не само празниот гроб, туку и плаштаницата што сведочеше за Воскресението на Погребениот.

Истиот оној ангел Гаврил беше (и сега) благовесник (на Воскресението). Оној кој во почетокот рече: Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога (Лука 1, 30), и сега гледајќи дека е дојдена на гробот, повторно поита и се спушти за да Ѝ објави на Пречистата, да Ѝ благовести за Воскресението од мртвите на Оној Кој од Неа бессемено се роди, да го одвали каменот и да го покаже гробот празен и погребните повои, и сведоштвото да го направи веродостојно. Ангелот се обрна кон жените и им рече: „Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ (Матеј 28, 5-6; Мк. 16, 6). Иако гледате дека стражарите се престрашени, вели ангелот, не плашете се, бидејќи знам дека го барате Исус Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Вратата, печатите на адот, смртта и гробот не можат да Го држат, бидејќи Он е Господ на бесмртните и небесните ангели, и само Он е Господ на сѐ. Погледнете го местото на кое лежеше Господ. Поитајте, вели, при учениците Негови, па јавете им дека воскресна од мртвите.

И како излегоа брзо од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови (Матеј 28, 8). Ми се чини, исто така, дека Марија Магдалена и останатите жени кои дојдоа тогаш, сѐ уште чувствуваа страв, бидејќи не го разбираа значењето на зборовите на ангелот, ниту пак беа во состојба во потполност да ја видат светлината и да разберат јасно. Богородица, пак, чувствуваше голема радост, разбирајќи го она што Ѝ беше соопштено од ангелот станувајќи целата светлина. Сосема очистена и божествено облагодатена, во сѐ цврсто ја позна Вистината и му поверува на Архангелот, бидејќи уште од пред многу години го сметаше достоен за најголема доверба. Како би можело богомудрата Дева, Која присуствуваше на тие настани, да не разбере што се случи? Таа го виде потресот и оној голем ангел како во вид на молња слегува од небото, ја виде замреноста на стражарите, поместувањето на каменот, празниот гроб и големото чудо на нескинатата и со смирна и алој слепена плаштаница, во која го немаше телото, а со тоа и радосниот изглед и благовестта на ангелот. Излегувајќи после таа благовест, Марија Магдалена како да не го слушна ангелот, кој можеби и не ни зборувал заради неа, па само забележа дека гробот е празен, додека плаштаницата воопшто не ја имаше ни забележано, туку отрча при Симон Петар и другиот ученик, како што вели Јован.

Придружувајќи им се на останатите жени, Мајката Божја за тоа време повторно појде кон тоа место од кое се врати, и тогаш – како што вели Матеј – Исус ги пресретна и рече: Радувајте се! (Матеј 28, 9). Гледате ли дека Мајката Божја пред Марија Магдалена Го виде Оној Кој заради наше спасение со тело страдаше, беше погребан и воскресна? А тие, вели, се приближија, ги опфатија нозете Негови и Му се поклонија (Матеј 28, 9). Како што само Богородица го разбра значењето на она што беше објавено, кога заедно со Марија Магдалена ја слушна ангелската благовест за Воскресението, така и сега, кога заедно со другите жени Го сретна Нејзиниот Син и Бог, прва меѓу нив Го виде и Го препозна Воскреснатиот, и пристапувајќи, се допре до Неговите нозе, и така стана апостол за апостолите. Од апостолот Јован дознаваме дека Марија Магдалена не беше со Мајката Божја во моментот кога Господ Ја сретна, кога Ѝ се јави и Ѝ се обрати, при враќањето од гробот: Тогаш отрча (Марија Магдалена) и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господ од гробот и не знам каде Го положиле“ (Јован 20, 2). Како би можела да каже дека Господ „Го дигнале од гробот и не знам каде Го положиле“, ако Го имаше видено, допрено со рацете и ако го имаше слушнато (Неговиот глас)? Дури и откако Петар и Јован дотрчаа до гробот, влегоа внатре и ја видоа плаштаницата, велат дека Марија (Магдалена) плачејќи стоела надвор, крај гробот.

Гледате ли дека таа не само што не Го виде Господ, туку дури не ни слушна (за Воскресението)? И кога ѝ се јави ангелот и ја праша: Жено, зошто плачеш?, таа повторно одговори како Христос да е мртов. Дури и кога се сврте и Го здогледа Христос, таа повторно не разбра што се случува, туку на Неговото прашање: Зошто плачеш? Му одговори како погоре, сѐ додека Он не ја повика по име и ја увери во тоа дека е жив. Тогаш и таа пристапи, сакајќи да ги прегрне Неговите нозе, но Он ѝ кажа: Не допирај се до Мене. Оттука можеме да разбереме дека тогаш кога најпрво им се јави на Мајката и жените кои беа со Неа, Он само на Мајката Ѝ дозволи да ги прегрне Неговите нозе, иако Матеј тоа го вели и за другите жени, не сакајќи, поради причините кои претходно ги наведовме, Мајката отворено да ја истакнува во овие работи.

Откако Пречистата Марија прва дојде на гробот и прва ја прими благовестта за воскресението, по неа дојдоа и многу други. Тие го видоа поместениот камен и ги слушнаа ангелите, и после овие зборови и тоа што го видоа, при враќањето се разделија. Едни, како што вели Марко, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и трепет, и никому ништо не рекоа, оти се бојеа (Марко 16, 8). Други ја следеа Мајката Божја, Го видоа Владиката и ги слушнаа зборовите Негови. Магдалена се упати кај Петар и Јован, и по нив повторно дојде на гробот – сама. Кога тие отидоа беше удостоена сама да Го види Господа, и повторно беше пратена при апостолите. Дојде при нив, и им кажа на учениците, како што вели Јован, дека Го видела Господ и дека тоа ѝ рекол (Јован 20, 18). Марко зборува за тоа дека ова го имаше видено рано наутро т.е. на самиот почеток на денот, бидејќи беше настапила зора. Тој, меѓутоа, не тврди дека Воскресението Господово се случи тогаш и дека тоа беше првото Негово јавување.

Бидејќи Господ многупати им се јави покажувајќи им се дека е жив, тие не само што поверуваа, туку и насекаде проповедаа: Нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краишата на вселената (Пс. 18, 4); тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде, и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа (Марко 16, 20).

 

Свети Григориј Палама