Избран е нов поглавар на Руската Задгранична Црква
 
 
 
 
 

Избран е нов поглавар на Руската Задгранична Црква (14.05.2008)

За поглавар на Руската Задгранична Црква избран е архиепископот Сиднејски и Австралиско-новозеландски Иларион. На 12 мај после молебенот и панихидата за блаженоупокоениот поглавар на Задграничната Црква Митрополитот Лавр, се одржа прво заседание на Архиерејскиот собор на Руската Задгранична Црква под претседателство на архиепископот Иларион, на кое учество зедоа: Чикашкиот и Средноамериканскиот архиепископ Алипиј, Берлинско-германскиот и Великобританскиот архиепископ Марк, Сан-Францискиот и Западноамериканскиот архиепископ Кирил, Менхетенскиот епископ Гаврил, Женевскиот и Западноевропскиот Михаил, Штудгартскиот епископ Агапит и Кливлендскиот епископ Петар. Соборот за поглавар на Задграничната Црква го избра архиепископот Иларион и тоа решение ќе биде испратено до Рускиот патријарх Алексиј II. За архиепископот Иларион гласаа 9 од 11 архиереи. Два од гласовите беа за Берлинскиот архиепископ Марк. Тројца, кои не можеле да земат учество во изборите поради здравствени причини, ги испратија своите гласови преку свои претставници.

Според Актот за канонско единство, потпишан од двете Руски Цркви во мај 2007 година „поглаварот на Руската Православна Црква зад границите се избира од нејзиниот Архиерејски собор. Изборот се потврдува според правилата на канонското право од Рускиот Патријарх и Светиот Синод на Руската Православна Црква.“

 

Архиепископот Иларион е роден во 1948 година во Канада, во семејство на украински селани од Полска, кои емигрираа во Канада 1929 година, после присоединувањето на нивните земји кон Советска Украина. Во 1972 година ја завршува Свето-Троицката духовна семинарија во Џорданвил, САД, и после тоа стапува во братството на Свето-Троицкиот манастир во Џорданвил. Во 1974 година послушникот Игор е потстрижан за монах со името Иларион. Во 1976 година е ракоположен за јеромонах од Менхетенскиот архиепископ Лавр. Во истата година го завршува Универзитетот во Сиракуза и работи на разни православни изданија. Во 1984 година е хиротонисан за епископ на Менхетен и е назначен за заменик-секретар на Архиерејскиот синод на Руската Задгранична Црква. Од 1996 година е архиепископ Сиднејски и Австралиско-новозеландски. Од 2006 година е прв заменик на претседателот на Архиерејескиот синод на РЗПЦ. По смртта на Митрополитот Лавр во март 2007 година до неговиот избор за поглавар, ја исполнуваше должноста на претседател на Архиерејскиот синод.

Во своето прво интервју после изборот, Архиепископот Иларион ги искажа своите погледи во врска со некои прашања актуелни за Руската Црква. Според него, меѓу неопходните промени е преводот на богослужението од старо-словенски на руски јазик. Бидејќи мнозина не го разбираат стариот јазик и така не ја разбираат ниту смислата, ниту таинството на обраќањето кон Бога. Освен тоа, многумина од парохијаните во странство слабо го познаваат рускиот јазик, а има и многу луѓе од други националности. Ние во Австралија развиваме мисионерска дејност меѓу Абориџините и затоа е неопходен превод на молитвите и на англиски јазик. Архиепископот Иларион го сподели и мислењето дека според него Светскиот совет на црквите е безперспективен и нема смисла од негово постоење.

 

Извор: Dveribg.net