Малула – селото во коешто сè уште се зборува на јазикот на Господ Исус Христос
 
 
 
 
 

Малула – селото во коешто сè уште се зборува на јазикот на Господ Исус Христос (20.05.2008)

Стотици јазици низ светот изумираат. За едниот од нив ваквата перспектива е особено загрижувачка. Тоа е арамејскиот – родниот јазик на Господ Исус Христос.

„Арамејскиот јазик изумира“, вели огорчено Елиас Кури, жител на зафрленото село Малула во Сирија, чијашто единствена врска со главниот град Дамаск е долг и нерамен пат низ планината. 65-годишниот човек си спомнува за деновите кога старците во областа зборувале само на арамејски. Јазикот сега е само спомен на минатото, кога пред доаѓањето на исламот на Блискиот исток бил далеку пошарен од културен и лингвистични аспект. Денес Малула и уште неколку помалечки села се последните тврдини на арамејскиот јазик.

Некогаш овој јазик го користеле христијаните во Сирија, Турција и Ирак. Но, низ вековите тие се асимилирале или бегајќи на Запад или присоединувајќи се кон живеалиштата на муслиманите. Во последните десетлетија овој процес е забрзан.

„Младите поколенија го загубија интересот за арамејскиот“, вели Елиас Кури. Неговата внука, 17-годишната Катја, знае основни фрази, кои ги научила во јазичното училиште во селото. Тоа е основано пред две години со цел да помогне во заживувањето на древниот јазик.

Елиас си спомнува дека кога бил дете учителите ги казнувале со шлаканици оние кои го користеле древниот јазик. Таква била политиката на сириската држава насочена кон арабизација на населението. Но, сега како работите да тргнале во спротивна насока. Семејствата во оваа област на државата зборуваат и дома на арапски, но децата можат да го научат јазикот на своите предци во центарот, основан специјално за тоа. Во основањето на центарот учество зедоа и неколку странци, меѓу кои и специјалистот по арамејски јазик професор Сабар, поттикнати од професионални амбиции или едноставно заради љубовта и почитта кој родниот јазик на Спасителот.

 

 

Името на селото Малула има интересна историја. На арамејски Малула значи „вход“. Името Малула селото го добило поради една случка. Според преданието, света Текла, која го пратела апостолот Павле, побегнала од дома во денешна Турција, прогонета од нејзините родители незнабожци заради изборот да ја прими христијанската вера. Таа пристигнала во оваа област, но на патот ѝ стоела планина. Откако се помолила, карпата се разделила на две, а под нозете ѝ потекол извор.

 

 

 

 

                                    

                                            преминот на света Текла

 

 

Арамејскиот јазик исто така претрпел промени низ вековите. Тоа е јазик од западносемитската јазична група, сличен на староеврејскиот и на денешниот арапски јазик. Во него се провлекуваат и многу арапски зборови и изрази. Но, повеќето луѓе во Малула веруваат дека јазикот им е истиот како оној на којшто зборувал Спасителот. Се надеваат дека новото арамејско училиште во Малула заедно со очекуваната финасиска и методолошка помош од светот (за што има сериозни најави) уште веднаш ќе го заживеат древниот јазик.

Малула е на 56 километри од Дамаск и се наоѓа на височина од повеќе од 1500 метри. Малите куќички се поставени на падините на огромна карпа, и изгледаат како да висат во воздух. Во близина има два манастири, едниот на свети Сергеј и другиот на света Текла. Жителите на Малула, како и оние од двете соседни села – Џабадин и Наџа, зборуваат на арамејски, на родниот јазик на Господ Исус Христос.

 

Извор: Pravoslavie.bg