Грчка полиција го опколи светогорскиот манастир Есфигмен
 
 
 
 
 

Грчка полиција го опколи светогорскиот манастир Есфигмен (06.06.2008)

Манастирот Есфигмен и натаму е под целосна блокада на грчките сили за безбедност кои бараат побунетите монаси да го напуштат манастирот пред неговата денешна слава Спасовден, пренесува Верската информативна агенција (ВИА)

Монашкото братство што го предводи игуменот Методија, нема намера да „капитулира“, се наведува во нивното соопштението, а медиумите проценуваат дека во манстирот има најмалку сто монаси и искушеници.

-Есфигменците не ја уживаат поддршката на ниту еден од дваесетината светогорски манастири во својот отпор кон цариградскиот патријарх Вартоломеј, кого го обвинуваат за „предавство на православието“, екуменизам и модернизам, пренесува ВИА.

Монасите од манастирот Есфигмен во вчерашното соопштение наведоа дека се опколени од „стотина силно вооружени грчки полицајци“ и дека сите приодни патишта и патеки се пресечени, како и тоа дека акцијата се спроведува  врз основа на одлуката на Владата во Атина сегашното побунето монашко братство да се отстрани од манастирот и да се замени со друго.

Според наводите на агенцијата која се повикува на монасите, грчките власти ги прекинаа телефонските линии на манастирот, се попречува мобилната телефонија и снабдувањето со храна.
 

ВИА наведува дека братството од манастирот Есфигмен е центарот на спротивставувањето на екуменизмот и модернизмот во православието. Тоа не одобрува никакви меѓухристијански средби со римокатолиците и протестантите, а фрли анатема и врз Светскиот совет на цркви.

Во редоследот од дваесетината светогорски манастири Есфигмен е на осумнаесетото место и никогаш не бил застапен во управата на монашката република.

Манастирот ги ужива симпатиите и поддршката од грчките старокалендарци кои Грчката православна црква, како и другите цркви, ги вбројува во расколници. Поддршка му даваат сите што себе си се сметаат за зилоти, додека грчката влада ги смета за фундаменталисти кои го нарушуваат поредокот.

Извор: Телевизија Сител