Осумдесетиот Митрополит на Молдавија и Буковина беше интронизиран во Јаши (10.06.2008)
На 8 јуни Неговото Високопреосвештенство Теофан Саву беше интронизиран за Архиепископ на Јаши и Митрополит на Молдавија и Буковина. Церемонијата на интронизацијата се одржа во митрополитската катедрала во Јаши, после отслужувањето на Светата Литургија.
Литургијата беше отслужена во присуство на Неговото Блаженство Романскиот Патријарх Даниил, во сослужение на 32 архиереи, членови на Светиот Синод на Романската Православна Црква.
Најнапред Епископот Винченциу, патријаршиски викарен епископ и секретар на Светиот Синод, ја прочита патријаршиската грамота: „Во VIII недела по Светото Воскресение, на Светите Отци од Првиот Вселенски Собор, во митрополитската катедрала на општината Јаши, посветена на Сретение Господово и на света преподобна Параскева, ние, Даниил, Патријарх на Романската Православна Црква, му врачуваме на Неговото Високопреосвештенство Теофан архиерејски жезол и го интронизираме за Архиепископ на Јаши и Митрополит на Молдавија и Буковина. Со оваа патријаршиска грамота сите сведочиме и му даваме на избраниот Архиепископ и Митрополит, Неговото Високопреосвештенство Митрополит Теофан, канонски овластувања за пастирствување како Архиепископ на Богодаруваната Архиепископија на Јаши со сите градови и села, кои ѝ припаѓаат и кои во иднина ќе припаѓаат на оваа света Архиепископија. Неговото Високопреосвештенство го има правото на власт да поставува, според правилата на нашата Православна Црква и според законите на државата: чтеци, певци, ипоѓакони, свештеници и архиерејски намесници во сите цркви на неговата Архиепископија, како и игумени и игумании на манастирите и метосите, и да раководи со сѐ како што му прилега на еден архиереј за духовна полза на епархијата, која ја раководи на патот на спасението“.
Во словото после интронизацијата Патријархот изјави: „Нашата надеж дека новиот Митрополит на Молдавија и Буковина ќе ја исполни мисијата кон која е повикан, се заснова најмногу на љубовта кон светите и осветувачки дела на клирот и верниците од Митрополијата на Молдавија и Буковина, но и на тоа дека Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Теофан има богат пастирски, културен, мисионерски и социјален опит здобиен во осумте години на архипастирство во Митрополијата на Олтенија. Затоа денес го доверуваме на клирот, монашкиот чин и верниците од Архиепископијата на Јаши, како и на архиереите од Митрополијата на Молдавија и Буковина за да биде примен со почит и духовно послушание, и за да биде потпомаган во исполнувањето на својата мисија и служење, кон кои е повикан од Црквата“.
На крајот од церемонијата се обрати новиот Митрополит на Молдавија и Буковина, Неговото Високопреосвештенство Теофан: „Манастирскиот живот, како и мисијата на парохискиот свештеник се и треба да бидат непрекината врска со нашите духовни училишта. Богословскиот факултет, духовните семинарии и другите форми на богословско образование го исполнуваат своето назначение само во случај ако се пропратени со духовен и интелектуален развој, како и со придобивање на мисионерски опит од страна на истите свештенослужители, учители по религија, социјални работници, и на оние кои се трудат во областа на црковното искуство. Взаемното проникнување на академското богословие и светоста, на културата и молитвата, исполнувањето на модерните мисионерски средства и постојаното повикување на библиските и пастирски основи на Црквата се приоритет на богословското образование. Се молам на Бог да ја покаже Својата сила, просветлувајќи го мојот ум, укрепувајќи ја мојата волја и продлабочувајќи ја мојата вера во исполнувањето на Неговата волја.“
Извор: ММB