Светиот Синод на Романската Црква наскоро ќе донесе решение во врска со причестувањето на Романски Митрополит со унијати (11.06.2008)
Инцидентот на неодамнешното причестување на Банатскиот Ммитрополит Николај од рацете на папскиот нунциј во унијатски храм ќе биде разгледан во најскоро време од Светиот Синод на Романската Православна Црква.
„Постојаниот Синод го прими на знаење тоа што со жалење го соопшти Митрополитот Николај и бидејќи не е компетентен да донесува решенија по прашања од ваков вид, одлучи овој проблем да биде ставен на дневен ред на најблиското заседание на Светиот Синод, за да биде разгледан и за да се донесе решение во врска него“, се вели во соопштението објавено на сајтот на Романската Патријаршија.
На 25 мај Архиепископот на Темишвар и Митрополит Банатски Николај (Корненау), еден од најстарите архиереи на Романската Православна Црква, зеде католичка причест во унијатски храм во Темишвар. Тоа се случило за време на богослужбата во чест на осветувањето на новиот унијатски храм. Богослужбата била отслужена од папскиот нунциј во Романија Франциско-Хавиер Лозано.
Од гледна точка на каноните на Православната Црква, Митрополитот Николај направи дело кое подлежи на расчинување од свештенички чин, бидејќи Православната и Католичката црква не се во евхаристиско општење.
Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија Митрополитот Кирил испрати писмо до претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Романската Патријаршија епископот Кипријан со молба „да се разјасни дали навистина се случило општење во таинството на извесен архиереј на Романската Православна Црква со лица, кои не ѝ припаѓаат на Православната Црква“, а исто така да се искаже „односот кон тоа случување на Романскиот патријарх Даниил и на Светиот Синод на Романската Православна Црква“.
Светиот Синод на Романската Црква изјави дека ќе ја разгледа постапката на Митрополитот на заседанието во месец јули.
За јасна позиција во врска со овој случај освен Руската Православна Црква настојуваат и Грчката Православна Црква и монашката заедница на Света Гора.
Извор: Interfax-religion