Рускиот патријарх прослави 18 години од востоличувањето за патријарх на Руската Православна Црква (12.06.2008)
Неговата Светост Патријархот московски и на цела Русија Алексиј II на 10 јуни 2008 година прослави осумнаесетгодишнина од денот кога е воведен на тронот на московските патријарси. Утрото Рускиот патријарх отслужи Света Литургија во црквата на Христос Спасителот во Москва во сослужение на архиереи од скоро сите епархии на Руската Православна Црква и на Руската Задгранична Црква.
На 10 јуни 1990 година на изборниот Собор на Руската Православна Црква за патријарх московски и на цела Русија е избран Митрополитот ленинградски и новгородски г. Алексиј (Ридигер), а истиот ден е воведен на тронот на руските патријарси во Богојавленската црква во Јелоков.
Руската Православна Црква мошне успешно ја водеше во посткомунистичкиот период. За безмалку две децении, колку што е Патријархот Алексиј II поглавар на Руската Православна Црква, воведени се свештенички служби во болниците, во старечки домови, војската и затворите; создадени се нови епархии, основани се многу богословски училишта и обновено е монаштвото.