Кинески свештенослужители зедоа учество во празничното богослужение за Духовден во Рускиот конзулат во Шангај (16.06.2008)
Двајца кинески свештенослужители, свештеник Михаил Ван и ѓакон Евангел Лу, после 44-годишниот прекин зедоа учество во празничното богослужение кое се одржа во зградата на Рускиот конзулат во Шангај, по повод едниот од најглавните празници на Православната Црква – Духовден. Заедно со рускојазичните парохијани во богослужението учество зедоа околу 30 граѓани на Кинеската Народна Република. Некои од нив се крстени во Православие уште од детството, но до „културната револуција“ и многу години потоа немале можност да ја исповедаат својата вера. На богослужбата присуствуваа и многу млади луѓе кои се обратија во Православие дознавајќи за него од книги и интернет. Неколку луѓе специјално пристигнаа од Пекинг.
Во Шангај се одржуваат православни служби за рускојазични и странски граѓани. Меѓутоа, согласно законот на КНР, странските свештенослужители се ограничени во можноста на совршување на богослужби за граѓани на Кина на територијата на земјата.
Во Шангај живеат неколку десетици кинески православни верници, но сега се лишени од можноста за постојано учество во богослужбите. Општината нема правен статус, таа нема свој простор. На поголемите црковни празници кинеските верници посетуваат богослуженија кои се одржуваат во општината на Руската Православна Црква.
Историјата на Православието во Кина е стара повеќе од 300 години. На крајот од 17 век група на Козаци, заштитници на приграничната тврдина Албазин, била заробена. Кинескиот император, восхитен од храброста на војниците, им дал место за населување и дозволил изградба на црква.
Подоцна, тоа станало повод за формирање на Руската духовна мисија во Кина од страна на Петар Први, долго исполнувајќи улога на дипломатско претставништво на Русија.
Во 1918 година во земјата живеат околу 10 илјади православни Кинези.
За време на револуцијата во 1917 година во Русија сто илјади рускојазични бегалци емигрирале во Кина. Емигрантите имале изградено повеќе од 100 храмови во Пекинг, Харбин, Шангај, Внатрешна Монголија, Синцјан, Хонг Конг, Ханкоу, Тјанцин.
Во 1954 година Руската духовна мисија во Кина, под чија управа биле православните храмови, била укината поради политички причини. А пред 50 години, на 23 ноември 1957 година, Светиот Синод на РПЦ, во согласност со кинеската страна, донесе решение за давање на автономија на Кинеската Православна Црква.
„Културната револуција“ во Кина, карактеристична по масовно разрушување на храмови и гробишта, осквернување на мошти и икони, гонење на верници, го загрози постоењето на Православието во Кина. Богослуженијата на територијата на оваа земја не се совршуваа повеќе од 20 години.
Заживувањето на Православието во Кина започна во 1980 година, кога беше отворен еден храм во Харбин и изграден храм во Урумча. Во наше време во Кина дејствуваат неколку православни општини за рускојазични и странски граѓани. На поголемите црковни празници кинеските верници се собираат за читање молитви (бидејќи немаат свештенослужители).
Извор: Pravoslavie.bg