Руската Црква ги смета за провокација хиротониите на нови епископи во Естонија од Царигардската патријаршија
 
 
 
 
 

Руската Црква ги смета за провокација хиротониите на нови епископи во Естонија од Царигардската патријаршија (19.06.2008)

Решението за избор на нови епископи во непризнатата во православниот свет црковна јурисдикција на Цариградската патријаршија во Естонија не е условено од потребите на верниците и може да ја усложни положбата на Православието во оваа земја, се вели во изјавата на Московската Патријаршија. „Решението за хиротонии на нови епископи очигледно не е условено од реалните потреби на малобројната паства на цариградската црковна организација, која според официјални податоци брои 25 илјади луѓе“, се вели во изјавата на прес-службата на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија.

На 12 јуни во Талин се одржа собор на претставници на црковната јурисдикција на Царигардската патријаршија во Естонија, кога беа избрани кандидатите за епископи на епархиите во Тарту и Пјарна-Сааремаа и беше објавено завршување на процесот на „востановување на Естонската православна црква“, и формирање на нејзин Архиерејски Синод.

Руската Црква забележува дека според официјалната информација на МВР на Естонија Естонска православна црква при Московската патријаршија брои 170 илјади верници, за кои духовно се грижат околу 60 свештеници. Црквата ја раководи Митрополитот Корнилиј, кој е единствениот висок архиереј во нејзините структури. Од таа причина ракополагање на епископи во јурисдикцијата на Цариградската патријаршија е сериозен удар врз позицијата на Московската патријаршија во земјата. Според неа целта на хиротониите е „да се создаде надворешен впечаток за полноправен црковен живот, за да се добие признание на статус на автономна Црква од останатите помесни Православни Цркви... Направените дејствија уште повеќе ќе ги отежнат преговорите меѓу двете Патријаршии, насочени кон постигнување на фер решение во врска со црковната сопственост и канонскиот статус на двете црковни јурисдикции. Одговорноста за тоа е во потполност на Цариград“, се вели во декларацијата.

Во 1996 година Цариградската патријаршија го објави создавањето на автономната Естонска православна црква на канонската територија на Московската патријаршија. Присуството на претставниците на оваа јурисдикција на православно-католичката средба во Равена беше повод за напуштање на руската делегација и за сопирање на дијалогот со католиците.

 

Извор: Interfax