Цариградскиот патријрах на Света Гора (25.08.2008)
Веќе неколку дена Цариградскиот патријарх Вартоломеј е во посета на Света Гора, по повод 500 години од упокојувањето на вториот ктитор на манастирот Дионисијат - свети Нифонт патријарх Цариградски. Посетата на Патријархот поминува во празнична атмосфера, и досега тој ги посети манастирите: Григоријат, Дионисијат (каде веќе беше отслужена Божествена Литургија и трисагија во криптата на манастирот, како и водосвет на гробот на свети Нифонт), Свети апостол Павле и Симонопетра. Во саботата вечер во манастирот Дионисијат се отслужи празнична Вечерна по повод празникот на свети Нифонт.
Патријархот Вартоломеј го искажа својот став во врска со долгогодишниот спор во зилотскиот манастир Есфигмен, еден од 20-те на Света Гора. Патријархот изјави дека во манастирот Есфигмен има „анархија и непослушност на монасите“. Цариградскиот патријарх го оквалификува како „необјасниво“ доцнењето на грчката држава да го исполни решението на црковните и световните власти и да го обезбеди изнесувањето на монасите од оваа обител. На нивно место во манастирот треба да престојува формираното пред две години ново есфигменско братство.
Во саботата беше остварена и средба, непредвидена во програмата, меѓу Патријархот Вартоломеј и претставникот на ООН за спорот меѓу Грција и Македонија околу името на државата, г. Метју Нимиц. Тој беше во посета на Света Гора, придружен од грчкиот пратеник Адамантиос Василакис.
Извор: Дверибг.нет