Руската Православна Црква го одбележа Успението на Пресвета Богородица (28.08.2008)
Руската Православна Црква го одбележа 28 август, едниот од дванесетте главни празници во годината – Успение на Пресвета Богородица.
Со благослов на Рускиот патријарх Алексиј II, неговиот викарен Архиепископ Истрински Арсениј отслужи Божествена Литургија во Успенскиот соборен храм на Московскиот Кремљ, историски главниот соборен храм на Русија.
Во предвечерието на празникот Алексиј II испрати посебно послание до Митрополитот Киевски и на цела Украина Владимир, браќата од Свето-Успенската Киево-Печерска лавра, архиереите, клирот, монасите и мирјаните на Украинската Православна Црква.
„Во текот на целото историско постоење на нашата Света Црква манастирите беа и се центри на духовно просветување, чувари на православната вера, училишта на благочестието, вистински патеводители на христијанскиот живот. Многу такви духовни тврдини на Православието се наоѓаат во пределите на Украинската Православна Црква на Московската Патријаршија. Меѓу нив, Свето-Успенската Киево-Печерска лавра зазема посебно место“, истакна Патријархот.
Според неговите зборови, оваа обител на брегот на Днепар била основана набргу после покрстувањето на Русија. „Од моментот на основањето до сега овој манастир се наоѓа под посебно небеско покровителство на Божјата Мајка. Благодарение на застапништвото на Небесната Царица, тој беше и останува заштита на светото православие.“
Патријархот со благодарност се сеќава на своето богослужење во лаврата во јули оваа година, кога илјадници верници од сите краишта на Украина и од другите земји дојдоа во Киев за учество во свеченоститe по повод 1020 години од покрстувањето на Русија. „Повторно беше потврден сенародниот стремеж кон црковно единство“.
„Средби со клирот и паствата, торжествените богослужби, радоста на молитвеното и човечкото заедничарење – сето тоа убедливо сведочи за единството на нашата Света Црква“.
Празникот на Успението на Божјата Мајка, како што сведочи византискиот историчар Никифор Калист, беше востановен на крајот на 6 век од императорот Маврикиј. Меѓутоа, некои податоци покажуваат дека во цариградските цркви свечености во чест на Успението се совршувале и порано, дури и од 4 век.
Според црковното предание, на крајот на земниот живот, архангелот Гаврил ја извести Богородица за Нејзиното упокојување. Пред смртта Таа посака да се прости со Христовите ученици. Многумина од нив во тоа време го проповедаа христијанството во далечни земји, меѓутоа, по молитвите на Пречистата Дева апостолите се собраа на чудесен начин крај Нејзиниот одар. А кога дојде времето на Hејзиното упокојување, Самиот Христос се јави крај одарот на Мајка Си и Ја прифати Нејзината душа.
Ова предание стана едно од најомилените сижеа во рускиот иконопис. На иконите и фреските на Успение се претставува Богородица како лежи на смртен одар, опкружена со апостолите, а Исус Христос како ја држи во рацете Нејзината душа во вид на мала женска фигура.
По смртта на Богомајката апостолите го погребаа Нејзиното тело во Гетсиманската пештера. Меѓутоа, во третиот ден, сакајќи да го утешат апостолот Тома, кој задоцни на погребението, учениците Христови го отворија гробот на Пресветата Дева и ги здогледаа во него само погребните повои и поверуваа дека Богородица била воскресена и вознесена на небо.
Називот на празникот – Успение – произлегува од зборот „заспа“ и укажува на тоа дека Дева Марија након Своето видливо телесно упокојување остана непричесна на смртта.
Богородица иако телесно jа остави земјата, Таа не престанува да се застапува пред Синот за мир и за Црквата Христова.
Извор: Blagovest-info