„Харвард“ по 80 години ги врати вредните црковни ѕвона
 
 
 
 
 

„Харвард“ по 80 години ги врати вредните црковни ѕвона (17.09.2008)

Во присуство на рускиот претседател Дмитриј Медведев, на патријархот московски и руски Алексиј Втори и на претставници од универзитетот „Харвард“, во минатата недела во московскиот Даниловски манастир свечено биле примопредадени 18 величествени и вредни црковни ѕвона. По речиси 80 години „егзил“ во САД, овие знаменити камбани се вратиле во татковината и во удобноста на повеќе од 800 години стариот манастир. По болшевичкиот преврат во октомври 1917 година новата комунистичка власт почнала борба против христијанството, но и против многу културно-историски вредности и традиции на рускиот народ. Еден од првите болшевички укази наметнал забрана за ѕвонење од црквите. Надежните носители на „новиот поредок“ почнале да ги уриваат и да ги пренаменуваат црквите и манастирите, а ѕвоната од покривите биле симнати и претопени.

Во 1929 година истата судбина ги очекувала и камбаните од Даниловскиот манастир. За среќа, тогаш во Москва бил професорот од „Харвард“, Томас Витмур, кој успеал да го наговори Чарлс Ричард Крејн, американски бизнисмен, милионер, филантроп и словенофил, да ги откупи ѕвоната од руските комунистички владетели. Комунистите ги продале ѕвоната како старо железо. Крејн ги пренесол во САД во 1930 и му ги подарил на универзитетот „Харвард“, кој ги биел во сите важни моменти за институцијата. Сега ѕвоната се вратени во Русија со помош на спонзорства и благодарение на еден од најголемите мецени на руската уметност, милијардерот Виктор Векселберг и неговата фондација „Врска на времето“. Даниловскиот манастир бил основан во 13 век од Данило Московски, помладиот син на кнезот Александар Невски. Со изградбата на манастирот бил означен почетокот на создавањето на Големото московско кнежевство, чиј прв кнез бил Данило. Првото ѕвоно „царско“ на манастирот му го подарил царот Фјодор Трети Алексеевич Романов, постариот брат на Петар Велики, во 1682 година. Најголемото ѕвоно, тешко 13 тони, е изработено во 1890 година во леарницата „Финљандског“ во Москва, а последното ѕвоно во манастирот било поставено во 1904 година.

Во времето на тиранијата на Сталин манастирот бил преземен од НКВД, кој во него основал дом за децата на „народните непријатели“. Децата тука минувале низ тортурата на идеолошкото превоспитување. Многу од децата им подлегнале на болестите и на тешките услови за живот. Во средината на 80-тите години на минатиот век меѓу ѕидиштата на манастирот била откриена масовна детска гробница. На тоа место денес е подигната мала капела. Пред крајот на животот, генералниот секретар на КПСС, Леонид Брежнев, и' го вратил манастирот на Црквата. Можноста за враќање на ѕвоната првпат се појавила кога, при историската средба со Горбачов во 1988 година, Даниловскиот манастир го посетил тогашниот американски претседател Роналд Реган. Но дури во 2003 година Векселберг почнал со преговорите за враќање на ѕвоната, кои биле завршени во 2007 година. Тогаш бил постигнат договор, под услов Русија во замена да излее за „Харвард“ идентични копии на ѕвоната. Русите го направија тоа во леарницата во градот Вароњин. Копиите пред патувањето во САД ги благослови рускиот патријарх Алексеј Втори.

 

Извор: Дневник