Моштите на свети Серафим Саровски ќе бидат испратени за поклонение во Грција
 
 
 
 
 

Моштите на свети Серафим Саровски ќе бидат испратени за поклонение во Грција (17.09.2008)

Моштите на преподобен Серафим Саровски ќе бидат испратени во Грција каде што ќе бидат изложени за поклонение на верните во текот на наредниот месец. Соопштението за тоа случување беше испратено денес од страна на отец Григориј Пигалов, старешина при  храмот на Пресвета Богородица Сумелијска во северниот дел на Атина. Информацијата беше потврдена и од Руската Амбасада во Атина.

Со благослов на Патријархот Алексиј II за првпат моштите на преподобен Серафим Саровски ќе бидат изнесени надвор од границите на Русија, соопшти отец Григориј. Според зборовите на отец Григориј, на 30 септември делегација на Грчката Православна Црква ќе престојува во Дивеево, каде што во Троицкиот манастир (местото каде што се наоѓаат моштите на Светителот), ќе биде отслужена богослужба и со литија ќе биде изнесен ковчегот со десницата на Светителот. Со специјален авион моштите ќе бидат пренесени во Атина.

 

На 3 октомври моштите ќе бидат свечено пречекани на аеродромот во Атина од страна на Митрополитот на Месогио Николај, и од заменик министерот за внатрешни работи на Грција Т. Касамис, како и од други официјални лица. Потоа, моштите на свети Серафим Саровски ќе бидат однесени во храмот на свети великомаченик Трифун, каде што ќе ги пречекаат архиереи од Грчката и од другите помесни православни Цркви. Планирано е моштите на Светителот да останат во храмот на свети великомаченик Трифун 5 дена, а потоа сѐ до 2 ноември, ќе бидат изложени за поклонение на верните во храмот Панагија Сумела.

 

Извор: Двери.бг