Неговата Светост Патријарх Алексиј се сретна со митрополитот Црногорски и Приморски Амфилохиј
 
 
 
 
 

Неговата Светост Патријарх Алексиј се сретна со митрополитот Црногорски и Приморски Амфилохиј (27.09.2008)

На 25 септември во Патријаршиската резиденција се сретнаа Патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II и митрополитот Црногорски и Приморски Амфилохиј, кој ја исполнува должноста на претседател на Светиот Синод на Српската Православна Црква.

 

На средбата присуствуваа: епископот Бачки Иринеј, епископот Моравички Антониј, како претставник на Српската Православна Црква при Московската Патријаршија; протоереј Николај Балашов, секретар на Одделот на Московската Патријаршија за меѓуправославни односи.

 

Гостите од Српската Православна Црква на Патријархот му поклонија икона на Божјата Мајка Млекопитателница, што ја имаат изработено српските иконописци од манастирот Хиландар на Света Гора, и српскиот превод на Социјалната концепција на Руската Православна Црква.

 

Митрополитот Амфилохиј му пренесе на Патријархот Алексиј убави желби од Патријархот Српски Павле, кој се наоѓа на лекување во Белградската болница. Претставниците на Српската Православна Црква истакнаа дека поддршката од страна на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II и од целата Руска Православна Црква е утеха за православниот српски народ во тешкиот период во неговата историја.

 

Во текот на разговорот беа опфатени прашања на меѓусебните односи на Руската и Српската Православна Црква, како и прашање на позицијата на Православието во различни подрачја, особено во Украина, Естонија, Молдавија, на Косово и на Балканот.

 

Патријархот Алексиј ги запозна гостите со историјата и со современата позиција на Православието во Естонија, а на претставниците на Српската Патријаршија им ја подари својата монографија Православието во Естонија. Исто така, Патријархот Алексиј му подари на митрополитот Амфилохиј, кој е и претседател на Црковно-научниот центар ПРАВОСЛАВНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА во Србија, 16-ти и 17-ти том на Православната Енцикопедија. И останатите ерарси-членови на делегацијата на Српската Црква го добија истиот подарок.

 

Рускиот Патријарх зборуваше и за впечатоците од посетата на Киев, за свеченостите посветени на 1020 годишнината од покрстувањето на Русија. Српските ерарси го споредуваат Киев во историјата на Руската Православна Црква со значењето на Косово како историски и духовен центар на Православието на Балканот. Забележана е опасност од политичко вмешување во црковниот живот.

 

Извор: Патриархиа.ру