Рускиот патријарх ќе учествува во сеправославната средба во Истанбул (09.10.2008)
Рускиот патријарх Алексиј II ќе го посети Истанбул во периодот од 11-12 октомври за да земе учество во сеправославната средба на поглаварите на Православните Цркви. Средбата се организира од Цариградската патријаршија по повод провозгласувањето на 2008 година за година на свети апостол Павле. Во јули оваа година Цариградскиот патријарх Вартоломеј за време на свеченостите во Киев на 1020-годишнината од покрстувањето на Русија ја изрази надежта дека патријархот Алексиј ќе може да земе учество во средбата во Истанбул.
Патријархот Алексиј во своето писмо од 3 јули му напомна на Патријархот Вартоломеј за невозможноста претставници на Руската Патријаршија да земат учество на меѓуправославниот форум, каде што меѓу делегатите присуствуваат претставници на непризнатата во православниот свет Естонска православна црква (Цариградска патријаршија).
Иако патријархот Алексиј рече дека може ќе ја смени позицијата и да оди за Истанбул, тоа не беше сигурно до последниот момент. Пред десет дена Московската патријаршија го испрати во Фанар претседателот на Одделот за надворешни црковни врски Смоленскиот и Калининградски Митрополит Кирил, за да ги договори со Цариградската патријаршија условите за руското учество. Според информација од грчката агенција RNN постигнатиот договор во врска со Естонија е дека поглаварот на Естонската црква митрополитот Стефан нема да го потпише крајното послание на поглаварите на Православните Цркви, за да не постојат на еден документ и неговиот потпис и потписот на Рускиот патријарх. Од своја страна руската делегација ќе го „прифати“ присуството на митрополитот Стефан на соборот и нема да се противи на неговото учество во богослужбата.
Информацијата на грчката агенција е потврдена и со официјална изјава на Цариградската патријаршија по однос на претстојниот собор, на којшто меѓу учесниците на последно место ќе се спомнува и естонскиот митрополит.
Извор: Дверибг.нет