Средба на Поглаварите на помесните Православни Цркви во Истанбул (11.10.2008)
На 10 октомври, во Цариград , под претседателство на Неговата Светост Цариградскиот патријарх Вартоломеј, започна седмодневна средба на поглаварите на помесните Православни Цркви, по повод одбележувањето на годината на свети апостол Павле. На соборот присуствуваат и претставници од сите Православни Цркви од целиот свет.
Првото заседание го отвори Неговата Светост Патријархот Вартоломеј со поздравна беседа, во којашто ја нагласи неопходноста Православните Цркви денес, и покрај несогласувањата, да ја посведочат својата заедница и единство пред светот.
Од своја страна Митрополитот Кирил Смоленски и Калининградски, којшто во моментот ја предводи делегацијата на Руската Православна Црква, не пропушти во своето обраќање, во коешто се заблагодари од името на патријархот Алексиј за поканата на патријархот Вартоломеј за учеството во форумот, да се допре повторно до прашањето за непризнатата од Москва Естонска автономна православна црква. „Нашето учество во оваа средба не треба да се смета за фактичко признавање на автономниот статус на јурисдикцијата на Цариградската патријаршија во Естонија. Нагласувам дека на оваа средба не треба да се повикуваат во иднина како на преседан“, изјави Митрополитот Кирил.
„Нашето присуство тука е јасно сведоштво за подготвеноста на Московската патријаршија да го помине својот дел од патот, којшто води кон надминување на суштествените проблеми во односите меѓу црквите“, заврши Митрополитот Кирил.
Слово одржаа и Неговото Блаженство Александрискиот патријарх Теодор II, Антиохискиот патријарх Игнатиј IV, Неговото Блаженство Албанскиот Архиепископ Анастасиј и Високопреосветениот Митрополит црногорско-приморски Амфилохиј.
Работното заседание продолжи и наредниот ден, на истото место, во соборната црква на свети Георгиј во Фанар, а во недела е предвидено заедничко сослужување. Потоа ќе започне четиридневниот симпозиум во чест на апостол Павле, а седниците ќе се одржуваат и во Мала Азија, на Родос и Крит.
Извор: Patriarhia.ru