Естонската апостолска православна црква (Цариградска Патријаршија) повеќе нема да учествува на Сеправославните собори
 
 
 
 
 

Естонската апостолска православна црква (Цариградска Патријаршија) повеќе нема да учествува на Сеправославните собори (15.10.2008)

Поглаварите на помесните Православни Цркви на средбата минатата недела во Истанбул решија дека „Естонската апостолска православна црква“ (ЕАПЦ), основана од Цариградската Патријаршија, спротивно на каноните на Православната Црква, на канонската територија на Московската Патријаршија, повеќе нема да учествува во сеправославните собори.

„Како резултат на средбата на поглаварите беше донесено решение за тоа дека во иднина сеправославните собори ќе се одржуваат во форма, која го исклучува присуството на поглаварот на ЕАПЦ митрополитот Стефан“, соопшти по исходот на црковниот собор во Истанбул еден од неговите учесници – секретарот по меѓуправославни односи на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија протоереј Николај Балашов.

„Секоја средба на поглаварите на помесните Православни Цркви претставува важно случување, дури и во оние случаи, кога средбата не е поврзана со донесување на какви било конкретни решенија“, рече отец Николај Балашов. Според него, во светот, поделен поради политички, економски и други несогласувања, кои понекогаш имаат одредено влијание и на меѓуцрковните односи, за Црквата од животен значај се напорите, направени за утврдување и видливо пројавување на нејзиното единство. А единството се темели на заедничката вера и предание.

Отец Николај напомна дека црковното единство било главна тема на Архиерејскиот Собор на Руската Православна Црква, кој се одржа ова лето, и претставува приоритет за Нејзиниот поглавар.

„Некои од нив претставуваа не мала потешкотија и за учеството на Руската Црква на изминатиот црковен собор во Истанбул“, додаде тој. Пред сѐ, се работи за „паралелната Цариградска црковна јурисдикција“ во Естонија. „Како што е познато, Цариградскиот патријарх ја смета таа немногубројна организација за автономна помесна Црква и смета дека нејзиниот поглавар е должен да учествува на сите сеправославни собори и свечености. Руската Православна Црква и многу други помесни Православни Цркви таквиот статус не го признаваат“, изјави претставникот на Московската Патријаршија.

Од своја страна, Цариград не ги признава канонскиот статус на Јапонската Православна Црква, автокефалноста на Православната Црква во Америка и самостојноста на Црквите во состав на Московската Патријаршија: Украинската, Молдавската, Литванската, Естонската. Експертите објаснуваат дека тоа се случува затоа што Цариградската Патријаршија се смета за единствена која има право да дава на оваа или онаа Црква статус на независност или самостојност, се разбира, под Царигардскиот омофор.

Но, историјата на Православието, на пример, во Естонија, според зборовите на отец Николај Балашов, „неоспорно сведочи дека низ вековите Православието во таа земја се развивало исклучиво благодарение на напорите на Руската Црква, и припаѓањето на Естонската Црква на јурисдикција на Московската Патријаршија никогаш не се оспорувало“. „Но во 1923 година Цариградскиот патријарх Мелетиј ја искористил тешката положба на гонењето на Руската Православна Црква и издал томос за вклучување на Естонската Црква во своја јурисдикција. Во 1940 година естонското Православие се вратило на канонското раководство на Руската Црква, а во 70-те години Цариградскиот патријарх Димитриј и на формален начин го отповикал дејството на решението на Патријархот Мелетиј“, рече Николај Балашов.

Несогласувањето околу „естонското прашање“ доведе до невозможност за учество на Руската Црква во работата на меѓуправославните конференции, каде што еднострано се наметнува учеството на таканаречената ЕАПЦ. Како резултат на преговорите на патријархот Алексиј и Вартоломеј во јули оваа година во Киев и претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на МП митрополитот Кирил на 1 октомври во Истанбул, беше постигнат договор за тоа поглаварот на царигарската црковна јурисдикција во Естонија митрополитот Стефан да не зема учество во средбите на поглаварите и за тоа беше потпишан конечен документ. „За разлика од слична средба на Поглаварите, којашто се одржа во 2000 година без учество на Руската Црква“, истакна Николај Балашов.

Неочекуваното за претставниците на Руската Црква присуство на митрополитот Стефан на изминатата средба во Фанар го примора митрополитот Кирил да настапи со посебен говор на отворањето на соборот, во кој истакна дека учеството на Руската Црква на средбата „не треба да се смета како фактичко признавање на автономниот статус на јурисдикцијата на Царигардската патријаршија во Естонија“, и дека „на неа не треба да се повикуваат во иднина како на преседан“.

„Ние тргнавме по патот на крајна икономија, која се однесува само и исклучително на конкретната средба, водени од сознанието од неопходноста сеправославно да го одбележиме важниот за христијанскиот свет јубилеј 2000 години од свети апостол Павле, а исто така стремејќи се да ја поддржиме иницијативата на Царигардскиот патријарх, кој посака да се искористи овој јубилеј за достигнување на подобра координација на сеправославните напори пред лицето на проблемите на современиот свет“, појасни Митрополитот Кирил.

Многу делегации, според зборовите на протоереј Николај Балашов, доста позитивно ја оценија позицијата на Московската Патријаршија, истакнувајќи дека претставената во неа соединетост на „канонска принципиелност“ и подготвеност да се излезе во пресрет заради зачувување на православното единство, претставува добар пример и за другите Помесни Православни Цркви.

Во посланието на поглаварите на Црквите беше вклучена точка за тоа дека на наредниот сеправославен собор, уште во 2009 година, „ќе бидат повикани сите автокефални Цркви, согласно  поредокот и праксата, коишто постоеле до Сеправославните собори на Родос“. Тоа значи невозможност за присуство на слични собори во иднина на поглаварот на ЕАПЦ.

Протоереј Николај Балашов, исто така, како една од особеностите на средбата го издвои учеството на Поглаварите на три самостојни Цркви што се во составот на Московската Патријаршија: Украинската, Молдавската и Естонската.

Во текот на разговорот на Патријархот Алексиј и Вартоломеј се разгледаа прашања за пастирската грижа за руските сонародници, кои живеат во Турција, во местата каде што руското присуство е доста големо. Во Анадолија се регистрирани повеќе од 15 илјади Руси, а православни храмови таму нема. Храм на територијата на таканареченото летно претставништво на Русија на брегот на Босфор се востановува. Работите се при крај.

Едно од важните работи од средбите во Истанбул претставникот на Московската Патријаршија го смета одобрението на поглаварите на помесните Православни Цркви на миротворната позиција на Руската Црква во врска со грузиско-југоосетискиот конфликт. „Ја поздравуваме позицијата на Руската и Грузиската Црква во времето на неодамнешниот конфликт и нивната братска соработка.(...) Се надеваме дека меѓусебните напори на Црквите ќе помогнат во надминувањето на трагичните последици од воените дејствија и за скоро помирување меѓу народите“, се вели во финалниот документ на Сеправославниот собор.

Извор: Седмица.ру