Ракоположен е прв православен свештеник – Пакистанец
 
 
 
 
 

Ракоположен е прв православен свештеник – Пакистанец (27.11.2008)

На 16 ноември 2008 година, Митрополитот на Хонг Конг Нектариј (Цариградска Патријаршија) го ракоположи првиот свештеник, жител на пакистанскиот град Лахори, соопштува агенцијата „Ромфеа“. Новиот свештенослужител се вика Јоан Танвеер, женет е и има три деца. Во Лахори, кој е под јурисдикција на Хонгконгската митрополија, во последните четири години е создадена православна општина, којашто ја сочинуваат околу 400 верници. Во другите краеви на земјата се организирани групи за подготовка за крштевање.

Од моментот на своето присоединување кон Православната Црква, од пред четири години, без оглед на проблемите и тешкотиите, со кои се соочува во својата татковина, Јоан спроведува активна мисионерска дејност. Тој ревносно го проповеда Евангелието, излегува со беседи за Православието во локалните медиуми и со поддршка на митрополијата раководи со мисионерските и хуманитарните програми. После хиротонијата, отец Јоан, меѓу останатото, духовно ќе раководи со православната општина во Пакистан.

Заради немање храм во Пакистан, отец Јоан го претвори во храм својот сопствен дом, посветен на свети Александар патријарх Константинополски, каде што ќе се служат Литургии и каде што ќе се совршуваат останатите Свети Тајни. Не само поради немање на црквата, туку и воопшто поради состојбата во земјата во последно време, хиротонијата на новиот клирик беше извршена во Грција. Јоан беше ракоположен во ѓаконски чин во храмот на пророкот  Илија во Кастела, а во презвитерски чин во Благовештенскиот соборен храм во Пиреја.

После хиротонијата отец Јоан пристигна во манастирот на свети Николај во грчката област Аркадија, каде што жителите на манастирот одговорија на неговата молба за помош во совладувањето на совршување богослуженија. На крајот на ноември новиот клирик ќе се врати во Пакистан, каде што ќе започне да ги исполнува своите обврски.

Извор: Православие.ру