Рускиот патријарх во посета на Австрија
 
 
 
 
 

Рускиот патријарх во посета на Австрија (01.12.2008)

На 28 ноември Епископот Виенски и Австриски Иларион, претставник на Руската Православна Црква при европските меѓународни организации, одржа прес-конференција, во врска со посетата на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II на Австрија. Посетата е најавена за периодот од 20-23 декември и е по повод осветувањето на виенскиот соборен храм на Свети Никола, после големиот ремонт. Како што нагласи Епископот Иларион, соборениот храм на Свети Никола е главниот духовен центар на Виенската и Австриската епархија. Изграден е во 1899 година, и е најголем храм на Московската Патријаршија во Европа – неговата висина е повеќе од 60 метри. Во последните 5 години на храмот се изведуваа реставрациони работи. Основни спонзори на проектот се од Русија, нафтената компанија „Лукоил“, управата на градот Виена, Министерството за култура на Австрија и компанијата „Газекспорт“.

Во свеченостите ќе учествува Австрискиот митрополит Михаил Стајкос (Цариградска патријаршија) и претставници на другите помесни Православни Цркви, кои имаат парохии во Австрија.

Во состав на делегацијата учество ќе земат претстедателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија Митрополитот Смоленски и Калининградски Кирил и Митрополитот Кишиневски и на цела Молдавија Владимир. Ќе присуствуваат осум Епископи од Руската Православна Црква, кои служат во Западна Европа, од кои тројца се од Руската Задгранична Црква.

На 21 декември во соборниот храм ќе биде отслужена Божествена Литургија.

Во понеделник, на 22 декември Рускиот патријарх ќе се сретне со претседателот на Австрија Ханц Фишер. Истиот ден во Амбасадата на Руската Федерација ќе се одржи свеченост на која ќе бидат доделени ордени и медалји на Руската Православна Црква на лицата кои потпомогнале во реставрацијата на Свето-Николаевиот соборен храм.

Извор: Православие.ру