Се упокoи поглаварот на Руската Православна Црква Алексиј II (05.12.2008)
Денес, во Москва, на 80-годишна возраст се упокои поглаварот на Руската Православна Црква Алексиј II, соопшти претседателот на прес-службата на Московската Патријаршија Владимир Вигијанскиј. Тој починал во својата резиденција околу 9 часот наутро.
Изутрина патријархот почуствувал дека има проблеми со срцето. Тој преживеал клиничка смрт, на лекарите не им требало долго време да го повратат од таа состојба – но наскоро срцето на Патријархот откажало.
Според блиските луѓе на патријархот, тој страдал од болест на срцето, преживеал неколку инфаркти и повремено патувал во Швајцарија заради испитувања. Пред 4 дена патријархот се врати од Германија, каде што бил на тринеделно лекување. После тоа, поглаварот на РПЦ не се чувствувал толку добро, поради што морал да одложи и неколку официјални случувања.
На вонредното заседание во Москва се собра Светиот Синод на Руската Православна Црква. Членовите на Синодот треба да назначат местобљустител на патријаршискиот престол и да го одредат датумот на погребот на Патријархот Алексиј II.
Патријархот Алексиј II (Алексеј Михајлович Ридигер) е роден на 23 февруари 1929 година во градот Талин. Во 1947 година се запишал на Ленингардската духовна семинарија. На 15 април 1959 година е ракоположен во ѓаконски чин. На 17 април 1950 година е назначен за настојател на Богојавленската црква во градот Јихви во Талинската епархија. Во 1953 година ја завршил Духовната академија. На 15 јули 1957 година бил назначен за настојател на Успенскиот собор во градот Тарту. На 17 август 1958 година е ракоположен за презвитер. На 3 март 1961 година е потстрижен во монаштво во Троицкиот собор на Троице-Сегеевата лавра.
На 14 август 1961 година Светиот Синод на Руската Православна Црква го одредила јеромонахот Алексиј на местото на епископот Талински и Естонски и му била доделена за управување Рижската епархија.
На 21 август 1961 година е произведен во архимандрит. На 3 септември 1961 година архимандритот Алексиј е хиротонисан за епископ Талински и Естонски.
На 14 ноември 1961 година назначен е за заменик на претседателот на одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија.
На 23 јуни 1964 година е произведен во чин архиепископ. На 22 декември 1964 година назначен е за управител на Московската патријаршија (на ова место бил до 20 јули 1986 година), и станал постојан член на Светиот Синод.
Од 17 октомври 1963 година до 1979 година – е член на комисијата на Светиот Синод за христијанско единство и меѓуцрковни односи.
На 25 февруари 1968 година е произведен во чин митрополит.
Од 10 март 1970 година до 1 септември 1986 година Алексиј раководел со пензискиот комитет, задачите околу пензиското осигурување на духовништвото, вдовиците и сирачињата на свештенослужителите и лицата кои работеле во црковни организации.
Од 23 декември 1980 година е заменик на претседателот на комисијата за подготовка и празнување на 1000 години од покрстувањето на Русија и претседател на организационата група на таа комисија, а во септември 1986 година е претседател на нејзината богословска група.
На 29 јуни 1986 година назначен е за митрополит на Ленинград и Новгород со задолжение да управува и со Талинската епархија.
На 7 јуни 1990 година е избран од Помесниот собор на Руската Православна Црква на престолот на Московската Патријаршија.
Извор: Gazeta.ru
Македонската Православна Црква го доживеа Патријархот Алексиј II како свет човек кој се молеше и се грижеше за неа.
Бог да го прости!