Почина познатиот француски православен богослов Оливие Клеман (17.01.2009)
На 15 јануари се упокои познатиот православен богослов Оливие Клеман, роден во 1921 година во Франција. Се упокои едно од големите имиња на православната мисла. Ученик на Владимир Лоски, овој француски богослов беше всушност една од главните фигури во таканаречената Париска школа која што го доживеа својот процут во рамките на Православниот богословски институт „Свети Сергеј Радонешки“ во Париз. Институтот станува средиште на големата духовна и богословска обнова, којашто започна во Русија кон крајот на 19 век и којашто продолжи на Запад после болшевичкиот преврат во 1917 г. (т.н. Октомвриска револуција).
Оливие Клеман е роден во 1921 година во семејство на атеисти. „Јас израснав во една дехристијанизирана средина... Не бeв ниту крстен, ниту религиозно просветен.“ Уште во младите години тој си ги поставува првите духовни прашања. Ја сака поезијата. Покрај Рилке ја чита и Библијата, но за убедениот атеист Евангелието е на моменти неподносливо...
Подоцна како студент по историја осознава до кој степен сите цивилизации на човештвото се одбележани со духовното, со религијата. Во тој момент потпаѓа под интелектуално влијание на својот професор, познатиот религиозен антрополог Алфонс Дјупрон. Во Втората светска војна и двајцата учествуваат во одбраната.
После Киркегор, Њуман и Шестов, Клеман се сретнува со индуизмот. Интересот го држи десет години. Подоцна тој вели дека во тој период се чувствувал притиснат од идејата дека сѐ во светот на индуизмот е колку сакрално толку и безлично од владеачкиот океан на една безлична божественост. Вниманието му е постојано насочено во друга насока: кон личноста и кон тајната на нејзината безусловна уникатност.
Неговата средба со Православието е преку „Мистичното богословие на Источната Црква“ на Владимир Лоски – учењето за човекот како образ на Света Троица. Но, заедно со православното богословие Оливие го открива христијанството и во неговата етичка светлина, читајќи го Достоевски, Берѓаев – големата руска литература.
После зборовите на Самиот Христос: „Јас сум патот и вистината и животот!“, вистинско, полно обраќање се случува еднаш, кога во еднa париска антикварница си купува икона на Спасителот и застанува молитвено пред Него. Лице во лице. „Во еден момент Христос Самиот ме побара и јас тргнав по Него. Ги оставив настрана сите знаења за религијата и Му се доверив“.
Заедно со Лоски, започнува вдлабочено да ги изучува светите Отци.
Клеман ги надживува соблазните на младината преку лутањето, поминувајќи го Ниче, Фројд и Маркс. Просветлен духовно од крштелната благодат, тој самиот станува наследник на Лоски; станува еден од најистакнатите претставници на Париската школа, којашто веќе не е само руска. Личноста и авторитетот на Оливие Клеман стануваат мост за подзаборавената на Запад автентична духовност, сочувана на Истокот.
Неговата богословска мисла се влева во вселенскиот принос на Православието како учење и полнота на светата соборна и апостолска Црква.
Во врска со упокојувањето на Оливие Клеман соборот на православните епископи во Франција излезе со соопштение во кое се вели дека кај Клеман „беше својствен добротољубивиот поглед на свет: тој беше навистина вљубен во Божествената убавина, за којашто се трудеше да ја открие и да ја одгатне во светот и во секоја човечка личност“.
Бог да го прости!
Извор: Дверибг.нет, La Croix