Рускиот Патријарх ја прими делегацијата на Цариградската Патријаршија (03.02.2009)
На 3 февруари 2009 година во патријаршиската резиденција се одржа средба меѓу Поглаварот на Руската Православна Црква и Архиепископот Критски Иринеј, Митрополитот Мирски Хризостом, Митрополитот Корејски Амвросиј, ѓаконот Висарион, кои со благослов на Цариградскиот Патријарх Вартоломеј дојдоа во Москва заради учество во интронизацијата на Неговата Светост Рускиот Патријарх Кирил.
„Во овие денови ние се радувавме на заедничарењето со Вас, со почитуваните Архиереи и благочестивиот руски народ и Му оддаваме слава на Бог Света Троица за тоа што нѐ удостои да присуствуваме на овој историски момент и да го претставуваме тука Цариградскиот Патријарх Вартоломеј. Ние Ви се обраќаме со нашите честитки: Аксиос!“ – рече Архиепископот Иринеј во своето обраќање.
„Ние би сакале да ги истакнеме зборовите на Патријархот Фотиј, искажани после крштението на првите ваши сонародници, – продолжи архиерејот. – Великиот Светител со ентузијазам истакнал дека на рускиот народ му е својствена хртистијанска чистота и ревност во верата. После примањето на Православието Русите со радост ги примиле епископите и пастирите за да ја примат христијанската вера со вистинско познание. Му благодариме на Бог за патот на Руската Црква. Се молиме Господ да ја сочува и да ја води Вашата Црква.“
Делегацијата на Цариградската Патријаршија му се заблагодари на Рускиот Патријарх Кирил за великодушното гостопримство, укажано на претставниците на помесните Православни Цркви, коишто дојдоа во Москва на интронизацијата.
Од името на Патријархот Вартоломеј архиереите на Цариградската Патријаршија му подарија на Поглаварот на Руската Православна Црква патријаршиски жезол.
Неговата Светост Кирил изрече искрено братско послание до Патријархот Вартоломеј: „Му благодарам на Неговата Светост што испрати висока делегација за да учествува во мојата интронизација, за прекрасниот подарок и за неговата љубов, којашто ми била укажана во текот на многу години.“
Патријархот Кирил зборуваше за тоа дека се запознал со Патријархот Вартоломеј во 1977 година. „Заедничарењето со Неговата Светост е важен дел од мојот живот“, - додаде Патројархот Кирил, искатнувајќи дека дружењето меѓу нив продолжило и кога биле Митрополити, а и потоа кога Вартоломеј станал Поглавар на Цариградската Патријаршија.
„Јас многу се надевам дека нашиот братски дијалог, којшто неодамна беше особено важен, во текот на втората половина на минатата година, ќе продолжи“ – рече Патријархот Кирил. „Јас имам добри чувства од посетата на Цариград во октомври, кога мојот покоен претходник Неговата Светост Алексиј ми благослови да го посетам Истанбул неколку дена пред историската средба на Поглаварите на Помесните Цркви, и тогаш јас имав многу важен разговор со Неговата Светост Патријархот Вартоломеј“.
„Сметам дека тој разговор отвори нови можности за сеправославна соработка“, истакна Кирил, изразувајќи надеж дека Цариградската и Руската Црква „ќе го почитуваат канонскиот поредок, не подлегнувајќи на никакви искушенија и соблазни на светот кои сега проникнуваат внатре во црковните огради и кои провоцираат поделби и расколи“. Сега со заедничики напори треба да се зајакнува единството на Светата Апостолска Православна Црква, убеден е Патријархот Московски и на цела Русија Кирил.
Извор: Патриархиа.ру