Слово на Неговата Светост Кирил, Патријарх на Москва и на цела Русија
 
 
 
 
 

Слово на Неговата Светост Кирил, Патријарх на Москва и на цела Русија (04.02.2009)

Ваши Блаженства, поглавари и претставници на Светите Божји Цркви! Почитуван Димитиј Анатолиевич Медведев, претстедател на Руската Федерација! Почитуван Владимир Владимирович Путин, премиер на Владата на Руската Федерација! Длабокопочитувани раководители и претставници на државите на православните народи, кои се во крилото на Московската Патријаршија, претставници на други земји! Преосветени браќа архипастири! Сечесни отци, мајки-игумении, драги во Христа браќа и сестри!

 

Со благоволение на Светиот Дух и на членовите на Помесниот Собор на Црквата сега, јас, недостојниот, сум поставен од моите собраќа на престолот на Патријарсите на Москва и цела Русија и од нивни раце ги добив обележјата на патријаршиската власт. Вашите молитви, вашите добри лица ме водат сега, пред да го започнам своето патријаршиско служење, кое не може да биде ни лесно, ни без пречки. Господ и Црквата полагаат врз мене тежок крст, којшто бара од мене потполна предаденост и потполно посветување на тоа служење, кон кое сум повикан денес со трикратно поставување на патријаршискиот престол. Не без причина на рамењата на патријархот се става голема мандија – симбол на одрекување од сѐ што не е патријаршиско служење, симбол на верност кон Бог до крајот на животот, на послушание на Неговата волја по примерот на Оној, Којшто „се смири себеси, бивајќи послушен дури до смрт, и тоа смрт на крст“ (Филип. 2,8).

Нема и не може да има во животот на Патријархот ништо лично, приватно: и самиот тој, и целиот негов живот Му припаѓаат целосно на Бог и на Црквата, срцето го боли за народот Божји, особено за оние коишто отпаднале од црковното единство, и за оние кои сѐ уште не стигнале до верата. Патријаршиското служење е особен духовен подвиг. Овој подвиг не може да се извршува во осаменост или со помош на ограничен круг истомисленици. Во овој подвиг преку молитвено општење и соборните дела е вклучен целиот Епископат, целата полнота на Црквата со целата разновидност на дарбите, присутни во нејзините членови.

Затоа, знаејќи ја својата недостојност, јас со голема внатрешна волја седнувам денес на патријаршискиот престол, смирено барајќи го молитвеното застапништво на моите свети претходници – Киевските и Московските светители – пред Божјиот престол. Мислено се обраќам и кон светите поглавари на нашата Црква, особено кон оние кои служеа во поново време, започнувајќи од светителот и исповедник Тихон и завршувајќи со секогашспоменуваниот свет Патријарх Алексиј Втори.

Патријархот е чувар на внатрешното единство на Црквата и заедно со своите собраќа од Епископатот ја брани чистотата на верата. Јас го сметам за особен Божји знак тоа што патријаршиската интронизација се извршува денес, на денот кога се празнува свети Марко Ефески – ревносен заштитник на православната вера. Патријархот не треба да допушти несогласувањата, какви според Апостолот „треба да има“ (1 Кор. 11, 19), да прераснат во расколи и лажни учења.

Патријархот треба да се грижи за тоа секоја личност при целата своја неповторливост да го најде своето место во црковниот организам и во исто време различностите во мислењата да не го нарушат духот на љубовта и да не заслабнат општите усилби во градењето на Божјиот дом. „Главно е – единството, второстепено – слободата, во сѐ – љубовта“ – овие зборови на свети Викентиј Лерински треба да бидат водечки принцип во црковниот живот.

Патријархот е заштиник на надворешните канонски граници на Црквата. Тоа служење добива особен значај после формирањето на независните држави низ територијата на историска Русија. Почитувајќи го нивниот суверенитет и содејствувајќи за доброто на секоја од овие држави, Патријархот во исто време треба да се грижи за чувањето и за укрепувањето на духовните врски меѓу нивните народи, за да се запази системот на вредности, кој е наследство на православната цивилизација на Света Русија.

Особена грижа на Патријархот е проповедта на црковно-моралните идеали во согласност со реалностите на современиот живот. Сведоштвото за вистинитоста и убавината на Православието може да биде примено од луѓето само тогаш кога тие ќе осознаат какво значење има тоа за нивниот личен, семеен и општествен живот и ќе се научат да ги поврзуваат вечните Божествени зборови со реалноста на секојдневниот живот, со нивните грижи, радости и таги.

Да се поврзе православната вера и евангелискиот морал со секојдневните мисли, копнежи и надежи на луѓето означува да им се помогне да одговорат на најсложените погледи на свет и етички прашања од современието. Независно од плурализмот и противречностите на постоечките во општетсвото погледи и убедувања, верата ќе стане разумна и реално барана само тогаш кога човекот ќе ја осознае и длабоко ќе ја почувствува несомнената правдина и сила на Божјото Откровение. И ако таа вистина не стане несомнена за многу луѓе, тоа значи, дека убавината и убеденоста на Божјото Слово се помрачува од тоа што денес го нарекуваме „човечки фактор“.

Сведоштвото на Црквата пред светот претпоставува не само проповед од црковната катедра, но и отворен, пријателски и заинтересиран дијалог, при којшто и двете страни зборуваат и слушаат. Само при таков дијалог вистините на верата стануваат поразбирливи, затоа што влегуваат во творечки и жив контекст со мислите и убедувањата на луѓето. Црквата, пак, од тој дијалог добива знаења за тоа што претставува современиот човек со неговиот начин на мислење и прашања за Црквата.

 

Таквиот дијалог помага исто за поголемо меѓусебно разбирање меѓу луѓето со различни погледи и убедувања, вклучувајќи и религиозни, и помага во зацврстувањето на граѓанскиот мир и согласност во нашите општества и држави. Во рамките на пријателскиот дијалог и соработка врз основа на Уставот треба да се развиваат и црковно-државните односи, кои ќе служат за доброто на Црквата и државата, за доброто на народот.

 

Поглаварот на секоја помесна Црква заедно со собраќата од другите Цркви треба да се грижи за единството на Вселенското Православие. Јас им благодарам за заедничката молитва на присутните тука првоерарси и претставници на светите Православни Цркви и изјавувам дека веднаш ќе бидам отворен за дијалог со Црквите-сестри и за заеднички напори во зајакнување и усовршување на сеправославната соработка и за поголема координација на пастирските и мисионерските активности.

 

Нашата особена грижа денес е младината, која особено силно има потреба од духовно раководство. Во епохата на моралниот релативизам, кога пропагандата на насилството и развратот ги убива душте на младите луѓе, ние не можеме спокојно да очекуваме дека младината сама ќе се обрати кон Христос. Ние треба да отидеме при младите луѓе – колку и да е тешко тоа за нас, луѓе од средни и од повозрасни генерации. Треба да им помогнеме да добијат вера во Бог и смисла во животот, а со тоа и осознавање каков е вистинскиот човечки пат. Силна личност, сплотено и многудетно семејство, солидарно општество – сето тоа е последница на искрена и длабока вера.

 

Нашиот христијански долг е да се погрижиме за оние што страдаат, сираците, бедните, инвалидите, старите, затворениците, бездомните – за сите, на коишто ние можеме да им помогнеме да ја придобијат надежта. Гласот на Црквата треба да е исто и глас на слабите и онеправданите луѓе, кои бараат правда.

 

Ни претстои голема и не лесна работа. И сега јас ќе си спомнам на заветите на првиот и на петнаесетиот Руски патријарх. „Добра работа е да градиш и да украсуваш цркви – пишувал светиот Патријарх Јов – но ако во исто време ние се осквернуваме со своите страсти, тогаш Бог нема да не поштеди ниту нас, ниту нашите цркви“. „Ќе воскресне од пепелта и од гревовната бездна нова Русија – Русија која на светот му даде многу подвижници во верата и благочестието, Русија, која гради цркви по градовите, селата и срцата, Русија, која свети со правда и љубов, светата Русија“. Дај Боже овие вдахновени зборови на светиот Патријарх Алексиј Втори да станат пророчки.

Срдечно Ви благодарам на сите собрани тука за молитвата. И се надевам дека вашата молитвена поткрепа, а исто така и вашето застапување за мене пред Бог никогаш нема да заврши. Кон сите архипастири, пастири и чеда на нашата Црква им се обраќам со светите зборови на апостол Павле: „Браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едносмислени, живејте во мир – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (2 Кор. 13,11). Амин.

Извор: Православие.бг