Руската Црква ќе помага за ширење на христијанството во Африка (09.02.2009)
Руската Црква и понатаму ќе помага за ширење на христијанството во Африка. Тоа го изјави новоизбраниот патријарх на Русија Кирил за време на средбата со поглаварот на Александриската Пратријашија Патријархот Теодор II. Александрискиот Патријарх пристигна во Москва по повод интронизацијата на новиот Руски Патријарх и како поглавар на една од најдревните Цркви ја возглави свечената Божествена Литургија на 1 февруари во храмот на Христос Спасителот во Москва.
„Ве уверувам дека според силите сме подготвени да ви помагаме во тоа одговорно служење, вклучувајќи го и тоа да ги споделиме нашите ресурси, затоа што мисијата во Африка има огромно значење за целиот православен свет“ – изјави Патријархот Кирил за време на средбата на двајцата православни поглавари. Рускиот Патријарх го увери својот гостин дека РПЦ е подготвена да помогне во градењето на нов православен храм во Кенија. Во моментов РПЦ има храмови во четири афрички земји – Јужноафричка Република, Египет, Тунис и Мароко.
Канонската територија на Александриската Патријаршија, која опфаќа голем дел од Африка, во моментов брои околу 30.000 верници и околу 150 храма. Лично Патријархот Теодор редовно патува низ цела Африка, за да ги посети и се сретне со племињата дури и во најоддалечените и тешко достапни области на континентот. После Русија, Патријархот Теодор ќе се упати за Камерун, каде што заради недостаток на добро развиена транспортна мрежа ќе треба да патува десетици километри пешки.
Извор: Патриархиа.ру