Венеција врати на Грција мошти на тројца Светители (12.02.2009)
Црква во Венеција врати на Грција мошти на тројца Светители од јонскиот остров Кефалонија, коишто исчезнале во 14 век. Моштите на свети Григориј, свети Теодор и свети Лав беа пронајдени во костурница во црквата на свети Захариј во Венеција, на 30 јануари.
Моштите биле пренесени во Венеција во 14 век, кога Грција била поле на војни меѓу војските на Венецијанската република, Византија и Османлиската империја. Свештеникот од Кефалонија Георгиос Андзулатос 25 години ги барал моштите, базирајќи се на сведоштва на католички свештеници и поклоници, кои посочувале дека моштите биле поставени во костурница под олтарот на црквата на свети Захариј.
Исто така, биле потребни пет години и размена на мноштво писма меѓу претставниците на католичката црква и православни свештеници и пред сѐ екипа од експерти по судска медицина за да го потврдат пронаоѓањето на моштите. Свештеникот Георгиос посочи дека пронајдените коски го потврдија тоа што се знаело од црковни извори, дека тројцата мажи биле на возраст соодветна на 60, 30 и 18-20 години кога починале. Тројцата биле војници во војската на римскиот император Констанциј (337-361 г.) во 4 век и ја напуштиле војсаката за да живеат како отшелници на Кефалонија. На островот имало и византиски манастир, каде што се чувале моштите пред да бидат однесени во Венеција.
Извор: Дверибг.нет, Glixouri