Грузиската Православна Црква е највлијателна институција во Грузија
 
 
 
 
 

Грузиската Православна Црква е највлијателна институција во Грузија (09.03.2009)

Откако Поглаварот на Грузиската Православна Црква Патријархот Илија II пред една година изјави дека ќе стане кум на секое трето дете во земјата, едвај и најголемите оптимисти очекуваа дека тоа ветување ќе има сила на демографско чудо.

Само една година подоцна, резултатите се евидентни. Наталитетот во Грузија порасна за 20%, а  во текот на годината Патријархот Илија стана кум на над 2000 деца.

Овој факт само по себе е показател дека за две децении независност на Грузија, Православната Црква во земјата е највлијателната сила. Верниците во Грузија ја поздравуваат Црквата за тоа што сака да ја врати земјата кон нејзините духовни корени, сокриени длабоко во првите векови на христијанството (Грузија, заедно со Ерменија, се првите земји во светот, кои официјално го примиле христијанството). Во поделената, од противречности и сепаратизам, Грузија, Православната Црква се покажа како единствена сила, способна да ги обедини луѓето.

„Денес, Црквата е највлијателната институција во Грузија и нејзиното влијание продолжува да расте“, рече Георги Хутсишвили, директор на Центарот за конфликти и разбирање во Тбилиси.

Според испитувањата, направени во минатата година, 87% од Грузијците ја сметаат Црквата како институција во која имаат најголема доверба. За споредба, во 2003 година, овој процент беше само 39.

Исто така, ова испитување покажа дека најголема доверба во земјата има Патријархот Илија II со блиску 95% општествена поддршка, додека грузискиот претседател Михаил Саакашвили има доверба на едвај 33% од граѓаните.

Претставникот на Патријаршијата отец Давид Шарашенидзе изјави дека оваа тенденција за зголемувањето на влијанието и довербата кон Црквата се логичен чекор и одговор на ерата на советските репресии. „Грузиската глад за религија во време на советското владеење денес ја полни Црквата“, додава тој.

Последните случувања во Грузија исто така ја докажуваат силата и влијанието на Црквата и нејзиниот Поглавар. Кога започнаа судирите меѓу полицијата и противдржавните демонстранти во ноември 2007 година, Патријархот Илија II се појави како посредник и успеа да ги смири страстите. Истото се случи и после грузиско-рускиот конфликт во август минатата година. Патријархот Илија II беше човекот кој ги водеше преговорите со Москва, и единствениот грузиски лидер, кој беше примен и имаше разговор во „четири очи“ со рускиот претседател Д. Медведев.

Владата во Грузија, пак, исто така реши да ја поддржи Црквата. Администрацијата на Саакашвили во оваа година ја зголеми скоро три пати помошта за Црквата, одвојувајќи околу 15 милиони долари од државниот буџет (што е огромна сума за Грузија, имајќи ја предвид економската состојба во земјата), а посебно беа одделени 180.000 долари од буџетот за финансирање на црковниот телевизиски канал.

 

Извор: Дверибг.нет