Рускиот Патријарх ќе ги посети помесните Православни Цркви (11.03.2009)
Рускиот Патријарх Кирил согласно старата традиција има во план во својство на новоизбран Поглавар да ги посети во братска посета помесните Православни Цркви.
За својата желба тој соопшти во вторник вечерта на годишниот прием во Грчката Амбасада, по повод празникот на Победата на Православието. Притоа, Патријархот кажа дека редоследот на посетата ќе биде определен од диптихот – богослужбениот редослед на спомнување на Поглаварите на Помесните Православни Цркви.
Обраќајќи им се на надлежните и на гостите на Грчката Амбасада, Патријархот рече дека се подготвува да ја посети и Грција.
„Се надевам дека ќе се сретнам со Неговото Блаженство Иероним и со народот во Грција, што ќе даде уште подобар поттик за понатамошен развој на добрите односи меѓу нас“, истакна Патријархот Кирил.
Богослужбениот список на Помесните Православни Цркви, чии поглавари се спомнуваат, се состои од 15 јурисдикции и е по следниот редослед: Константинополска, Александриска, Антиохиска, Ерусалимска, Руска, Грузиска, Српска, Романска, Бугарска, Кипарска, Грчка, Албанска, Полска, Православната Црква во Чешка и Словачка, и Православната Црква во Америка.
Како што порано беше најавено, Патријархот Кирил ќе ја посети Украина, што ќе биде прва негова посета надвор од татковината.
Извор: Интерфакс