18 искушенички од Дивеевскиот манастир во Русија примија монашки потстриг (21.03.2009)
Вчера, на 20 март, Архиепископот Нижегородски и Арзамаски Георгиј отслужи Литургија на Претходноосветени дарови во храмот на Московските Светители во нижегородскиот метох на Дивеевскиот манастир.
Пред Литургијата Владиката замонаши 18 искушенички на оваа обител. Ова е најголем по број потстриг во Дивеевскиот манастир во последно време.
На сестрите што беа замонашени Владиката Георгиј им посака да ја сочуваат чистотата што вчера ја примија, преку целиот нивен живот. Тој на сестрите им го честита овој светол и радосен ден во нивниот живот и ги потсети на главната заповед: „Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила.“
„Послушанието е сидро на спасението за монахот во разбрануваното море на животот“, рече Владиката.
„Меѓу луѓето некогаш се појавуваат две крајности: тоа се оние што не се грижат за своето спасение и оние кои ревнуваат не според разумот и остануваат во очајание заради убеденоста дека нема да се спасат. Кон великата Застапничка и Молитвеничка, а пред сѐ Посредничка на грешните пред Господ, Мајката Божја, треба да прибегнуваме во сите неволји и недоуменија.“
Извор: ННЕ.ру