Во околината на Тбилиси е основан манастир посветен на светиот Патријарх Амвросиј
 
 
 
 
 

Во околината на Тбилиси е основан манастир посветен на светиот Патријарх Амвросиј (28.03.2009)

Со благослов на Патријархот на цела Грузија Илија II на територијата на поранешната ботаничка градина на брегот на Тбилиското море заживеа машки манастир посветен на светиот Патријарх Амвросиј.

Настојател на манастирот е архимандрит Сава (Кучава).

Празничната богослужба во чест на свети Амвросиј ќе се отслужи на 29 март кога се празнува и неговиот спомен.

 

Патријархот Амвросиј е роден во свештеничко семејство 1861 година во село Мартвили во Западна Грузија.

Во 1888 година ја заврши Тбилиската духовна семинарија. Беше свештеник во Сочи и Сухуми. Откако стана вдовец во 1897 година се запиша во Казанската духовна академија. За време на студирањето беше потстрижен за монах со име Амвросиј. Во 1901 година ја заврши Академијата како кандидат за Богословија бранејќи ја дипломската работа на тема „Борбата на христијанството и исламот во Грузија“. Трудот на отец Амвросиј беше високо оценет, а нему му беше предложено да ја доработи и на истата тема да магистрира, но тој претпочиташе да се врати во татковината.

По враќањето во Грузија 1902 година беше произведен во архимандрит и назначен за настојател на Челишскиот манастир. Во 1904 година преместен е од Синодот во Тбилиси и назначен за настојател на Преображенскиот манастир. Во 1905 година заради учество во движењето за возобновување на автокефалноста на Грузиската Православна Црква е протеран од Грузија во Рјазански Свето-Троицки манастир, а оттаму во 1910 година е преместен во Новгородската епархија. Во Грузија се врати во август 1917 година.

На 15 октомври 1917 година хиротонисан е за епископ Чкондидски, во 1918 година е преместен на Сухумо-Абхазската катедра со чин на митрополит.

Во септември 1921 година, на помесниот собор на Грузиската Православна Црква е избран за Патријарх на цела Грузија.

Во април 1922 година Патријархот Амвросиј им се обрати на учесниците на меѓународната Џеновска конференција, изобличувајќи ја болшевистичката власт и барајќи референдум за повлекување на Црвената армија од Грузија.

Наскоро беше уапсен. На 19 март 1924 година е обвинет за контрареволуционарна дејност и осуден на 7 години затвор. Во 1925 година е ослободен заради многубројни настојувања на верниците и на местобљустителот на патријаршискиот престол на Грузиската Православна Црква Митрополитот Христофор.

После ослободувањето Патријархот Амвросиј се наоѓаше во домашен затвор без права на служење. Постојат гласини дека е убиен по налог на властите. Да се одбегне сомнеж, на Патријархот Амвросиј му беше дозволено да одржи служба, за време на која доби срцев удар. Беше превезен во патријаршиската резиденција каде што после неколку дена почина на 16/29 март 1927 година.

Во септември 1996 година Патријархот Амвросиј е канонизиран на Помесниот Собор на Грузиската Православна Цркви.

 

                      

 

Извор: Патриархиа.ру