Посланија на Поглаварите на Помесните Православни Цркви до верниот народ
 
 
 
 
 

Посланија на Поглаварите на Помесните Православни Цркви до верниот народ (22.04.2009)

Сите Православни Цркви низ светот го одбележаа великиот празник на Христовото Воскресение. Поглаварите на Помесните Православни Цркви испратија свои посланија до верниците.

Цариградскиот Патријарх Вартоломеј:

„Воскресението е неоспорлива историска реалност. И таа реалност има директни и спасителни последици за сите нас. Воскресна Синот Божји! Воскресна Бог со сите одлики на Својата човечност: со Телото, кое го доби од пречистата крв на Пресвета Богородица, и со Својата света Душа. Тој воскресна од мртвите и „го воскресна прародителот Адам како Човекољубец“! Гробот на Исус, „новиот гроб“ на Јосиф, остана засекогаш празен! Наместо знак на мртвите, тој стана знак на победата над смртта, стана извор на животот! Изгреа духовното Сонце на Правдата, „од гробот прекрасно изгреа“, дарувајќи незалезна светлина, мир, радост, ликување и вечен живот! Да, храмовите се „гробови“ на Бог! Но гробови празни, облеани со светлина, полни со „животворно благоухание“, со пролетно пасхално миро, прекрасни, пријатни; гробови животворни и живоносни!“

Рускиот Патријарх Кирил:

„Сесилниот Господ нека нè укрепи во богопознанието, во взаемната љубов, во делата на состраданието и милосрдието. Да полагаме ревносни усилби за да може, не само животот на секој од нас, но и животот на целото општество да се устројува според Божјите заповеди, бидејќи само нивното исполнување на луѓето им носи полнота и хармонија во животот. Така можеме да ја сведочиме својата љубов кон Бог, како што Он рече: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14, 15). Во ова не лесно време да го пројавиме на дело својот христијански повик, да се помагаме меѓусебно, така што никој да не се почувствува понижен, изоставен, сиромашен, повреден. Посакувам сите непрестајно да се стремите кон Небото со сите ваши мисли, постапки и намери, спомнувајќи си за зборовите на Апостолот: „И така, ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога“ (Кол. 3, 1).“

Ерусалимскиот Патријарх Теофил III:

„Синот на Бог, Единороден, слезе преку крстот во адот и преку силата на Својот Отец и Својата Божествена сила ја победи смртта, ја згази непријателската сила, Неговото пречисто Тело не позна распаѓање во гробот, туку воскресна од мртвите со Својата плот и го совоскресна прародителот Адам. И нас нè совоскресна, и нас нè исправи, и нас нè прослави, и нас нè подигна, и нам ни го врати старото, првосоздадено богатство! Со таа сила, која воплотениот, распнатиот и воскреснатиот од мртвите Господ Исус Христос ја вложи во нашата човечка природа, човекот стана страшен за ѓаволот и за смртта.“

Александрискиот Патријарх Теодор II:

„Воскресението, браќа мои, означува: ослободување од гревовите, простување, преобразување и создавање на нашата врска со Бог, со себеси, со луѓето и со благословеното и измачено создание, во кое живееме, за жал, без да се грижиме за него подолго време... Воскресението означува дека сме го нашле патот кој води до татковината што ни беше изгубена – Небесното Царство. Воскресението означува уште дека имаме можност вистински да се допреме до вистината и до тајната на нашето битие...“

Атинскиот Архиепископ Иероним:

„Воплотеното Слово, второто Лице на Света Троица, Исус Христос ја победи смртта, дарувајќи нови можности, давајќи смисол и дишење на нашите мечти, напомнувајќи ни за превасходството на светлината над темнината. Во таа темнина, помрачената од гревот икона на секој човек се менува и се поистоветува со омразата и загубата. Таа икона дојде да ја преобрази Воскреснатиот Христос. Нè преобразува сите нас и секој одделно. Нè повикува да го надминеме егоизмот и индивидуалната самоодоволност, покажувајќи ни ја светлата патека на човечкото „ние“, а не на „его-то“. Во таа светлина човекот го пронаоѓа своето вистинско изразување, кое не е ништо друго, освен наша средба со Бог преку служењето на секој ближен.“

 

Албанскиот Архиепископ Анастасиј:

„Со Воскресението на Христос за луѓето започна нов облик на постоење. Верата во Воскресението, увереноста дека Нему Му се даде „секаква власт на небото и на земјата“, (Матеј 28, 19) ги ослободи Неговите ученици од секаков страв и неспокојство и ги преобрази во смели проповедници на новиот живот во Христос.

„Не плашете се!“ Во наше време се намножија стравовите, кои му се закануваат на нашиот живот. А во скоро време тие се зголемија и поради општите потешкотии предизвикани од светската криза. Нови и стари стравови ги оптоваруваат нашите мисли и ги стегаат нашите срца. Во таа тешка атмосфера доаѓа празникот на Воскресението и го повикува секој верник да тргне по патот на ослободувањето од стравот: од стравот, кој нè претвора во непријатели, од стравот, кој ја раѓа неправдата и окрутноста на нашето општество. Од стравот на разнообразниот грев, кој влегува во нашиот живот и го уништува...“

 

Извор: Дверибг.нет