Рускиот Патријарх Кирил ја повикува Православната Црква во Америка на активно мисионерство
 
 
 
 
 

Рускиот Патријарх Кирил ја повикува Православната Црква во Америка на активно мисионерство (29.04.2009)

Активната проповед меѓу месното население треба да биде една од главните приоритети на Православната Црква во Америка, вели Патријархот Московски и на цела Русија Кирил.

 

„Од самиот почеток вашата Црква беше мисионерска Црква, возглавена од големиот проповедник на словото Божјо Патријархот Тихон Московски и на цела Русија“ – истакна Патријархот Кирил во храмот на Христос Спасителот во недела, обраќајќи се на Митрополитот Канадски и на цела Америка Јона, кој се наоѓа во посета на Русија.

 

Патријархот Кирил напомна дека во некогаш разрушениот храм на Христос Спасителот служеле Патријархот Тихон и свештеномаченикот Александар Хотовицки кои „не малку се труделе во ширењето на Православието на американско тло“.

 

„Не штедете ги Вашите сили што повеќе внимание да се посвети на мисионерството на Црквата, поинаку не може да биде“, продолжи Поглаварот.

 

Од своја страна Митрополитот Јона истакна дека „Православната Црква во Америка е истовремено сестра и чедо на Руската Православна Црква“.

 

„Нашиот црковен живот и мисија во Америка се состои и започнува со валаамските монаси, кои дошле на Аљаска во 1794 година“, напомна тој.

 

Според мислењето на Митрополитот Јона, мисијата на Православната Црква во Америка е „да му го пренесе на овој свет примерот Христов за љубов и сострадание“, во време кога на Западот „многу од христијанското наследство е заборавено“.

 

Извор: Интерфакс