Украинскиот претседател во посета на Цариградскиот Патријарх (22.05.2009)
Украинскиот претседател пристигна на аеродромот во Истанбул и веднаш се упати кон резиденцијата на Цариградскиот Патријарх заедно со неколку свои соработници. На средбата присуствуваа и Галскиот Митрополит Емануил и главниот секретар на Светиот Синод на Цариградската Патријаршија архимандритот Елпидофор. Митрополитот Емануил и архимандритот Елпидофор учествуваа како претставници на Цариградската Патријаршијата на различни средби во Украина. Средбата беше затворена за новинарите.
Грчката агенција „Ромфеа“ соопштува дека украинскиот претседател Јушенко и Патријархот Вартоломеј имале „многучасовен и срдечен разговор на теми од заемен интерес“. Прес-службата на украинскиот претседател соопшти дека на средбата се разгледувала варијанта за отворање на црковно подворје и културно-информативен центар во Украина, иако не е прецизирано дали е постигнат договор по тоа прашање. Виктор Јушенко потврди дека Украина како и порано е заинтересирана за обединување на православните во земјата во една помесна Црква. „Притоа претседателот изрази увереност дека во обединувачките процеси најважен фактор е Цариградската Црква и личната мудрост и напори на Патријархот“, се вели во официјалното соопштение на Прес-центарот. На средбата беше разгледана и подготовоката за свикување на Вселенски собор.
Напори да се отвори претставништво на Цариградската Патријаршија во Украина се правени и порано. Во 2005 година Руската Православна Црква го изрази своето незадоволство од информацијата за отворање на претставништво во Киев и Лвов.
„Според правилата, подворје се отвора со договор меѓу Поглаварите и Синодите на двете помесни Цркви. По правило тоа се случува на реципрочен принцип. Но, во Московската Патријаршија не се пројавени вакви желби од страна на Патријархот на Цариград. Ништо не знае за тоа и Киевскиот Митрополит Владимир“, изјави тогашниот секретар за меѓуправославни односи на ОВЦС протоереј Николај Балашов. Тогаш Московската Патријаршија го оцени евентуалното отворање на претставништво на Цариград во Украина како претпоставка за нов раскол, соопштува Интерфакс.
Извор: Дверибг.нет