Романскиот Патријарх во посета на Цариград
 
 
 
 
 

Романскиот Патријарх во посета на Цариград (02.06.2009)

Романскиот Патријарх Даниил од 27 мај до 2 јуни 2009 година престојуваше во официјална посета на Цариградската Патријаршија. Посетата беше по повод „годината на свети Василиј Велики“, за која Светиот Синод на Романската Црква ја прогласи 2009 година.

„Благодарни сме што ги откривме врските кои Кападокија ги има со нашата татковина, Романија. За време на нашата посета се восхитувавме на убавината на верата, на византиската уметност, заедно со убавината на природата. Многу сме радосни што во текот на овие три дена нè придружуваа многумина грчки и романски архиереи и многу поклоници. Заедно се помоливме за време на Вечерната во сабота, на 30 мај, во црквата на светите цареви Константин и Елена во Синасос. Во недела, на 31 мај, сослужувавме заедно на Светата Литургија во црквата на свети Теодор во Малакопос каде што и грчки и романски поклоници пееја на службата“, изјави Романскиот патријарх.

Иницијативата за чествувањето на големиот кападокиски отец е поврзана со 650-годишнината од основањето на Унгаровлахиската митрополија во 1359 година. Во поздравното слово кон својот домаќин Патријархот Вартоломеј, Романскиот Патријарх, во чијашто официјална титула од 1925 година е вклучено и „намесник на Кесарија и Кападокија“, објасни какви се врските меѓу кападокиските свети отци и Романската Православна Црква.

„Особената врска на Православната Црква на Романија со свети Василиј Велики, архиепископот на Кесарија Кападокиска, се открива во нашата титула „намесник на тронот на Кесарија Кападокиска“. Оваа чест му беше дадена на Митрополитот на романската земја Григориј II (1760-1787) од Цариградскиот Патријарх Софрониј на 10 октомври 1776 година во знак на почит и признание за паричната поддршка и великото гостопримство, коешто романските прекудунавски земји му укажаа на Патријархот во тешкото за него време. Од 1925 година наваму оваа титула им припаѓа на сите Патријарси на Романија, бидејќи тие истовремено се Митрополити на Унгаровлахија (денешните Мунтенија и Добруџа)...“, рече Романскиот Патријарх.

Извор: Bazilica.ro