Рускиот Патријарх ќе ја посети Царигрaдската Патријаршија во јули (04.06.2009)
Посетата на Рускиот Патријарх Кирил на другите помесни Православни Цркви ќе започне на почетокот на јули, соопштија во среда од секретаријатот за меѓуправославни односи на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија.
„Посетите на Патријархот ќе бидат остварени согласно диптихот (богослужбениот поредок на спомнување). Прва во диптихот е Цариградската Патријаршија со центар во Истанбул“.
Постои древна традиција во врска со посетата на поглаварите на една Православна Црква на територијата на другите Цркви според поредокот во диптихот (овој поредок претставува поредок по чест). Денес тој се состои од 15 јурисдикции и редоследот е ваков: Цариградска, Александриска, Антиохиска, Ерусалимска, Руска, Грузиска, Српска, Романска, Бугарска, Кипарска, Грчка, Албанска, Полска Православна Црква, Православна Црква на Чешка и Словачка, а исто така и Православната Црква во Америка.
Од своја страна претседателот на ОВЦС Архиепископот Волоколамски Иларион во интервју објавено во јунскиот број на списанието „Тома“ истакна дека тоа „за Патријархот не е само протоколна посета, секоја посета тој ќе ја искористи за зајакнување на личниот контакт со поглаварот на помесната Црква“.
Владиката соопшти дека тој од својата позиција ќе оствари посети по Православните Цркви – „за разгледување на постоечките проблеми и за подготовка на посетата на Патријархот“.
Тој истакна дека меѓуправославниот дијалог денес е приоритет за ОВЦС.
Одговарајќи на прашањето за тоа какви прашања ќе бидат допрени на средбата меѓу Патријархот Кирил и Патријархот Цариградски Вартоломеј, Архиепископот Иларион истакна дека делумно ќе зависи од тоа како ќе заврши Сеправославното заседание во Швајцарија во првата половина на јуни.
„Тоа ќе биде посветено на темата за дијаспората. По тоа прашање ние сериозно се разидуваме со Цариград“ - изјави архиерејот.
Тој напомна дека постојат земји со православна традиција и секоја има своја Православна Црква. Сè што се наоѓа зад границите на традиционалните православни земји се нарекува дијаспора. По мислењето на Цариградскиот Патријарх, целата дијаспора треба да биде под негова јурисдикција.
Според зборовите на Архиепископот, таа идеја се појавила во 1920 година и неа оттогаш ја разгласуваат претставниците на Царигард на разните меѓуправославни и други советувања.
„Московската Патријаршија ниту во каноните на древната Црква, ниту во нејзината пракса, не наоѓа причина Царигардската Патријаршија да раководи со целата дијаспора... Тешко е да се каже како ќе заврши ова Сеправославно заседание. Наша задача е да се постигне таква согласност која би им одговарала на сите. Но гаранции дека таа ќе биде постигната, за жал, никој не може да даде“ - изјави Владиката.
Извор: Интерфакс