Депресијата духовно се лекува
 
 
 
 
 

Депресијата духовно се лекува (04.06.2009)

Депресијата ефикасно може да се лекува преку духовен приод, вели Дмитриј Александрович Авдеев, руски православен психијатар и психотерапевт. Веќе 17 години користи религиска православна психотерапија, како противтежа на медицинските психијатриски методи. Неговата книга „Униние и депресија“, првпат преведена од руски на македонски јазик деновиве беше промовирана во Скопје. Во делото тој воспоставува врска меѓу духовното и класичното лекување.

 

 

Во „Униние и депресија“ ги изедначувате медицинското и духовното лекување на психичките растројства. Каде е врската меѓу нив?

- Прикажани се сличностите и разликите меѓу унинието и депресијата. Зборот депресија денес е многу распространет и популарен и милиони луѓе во светот бараат лекарски совети за депресијата. Во дел од случаите, зборот депресија можеме да го толкуваме и да го разгледуваме на биолошко ниво. Но тоа е само малечко делче од депресијата.

Другиот дел од депресијата е многу поголем. Таму спаѓаат 97 проценти кои ја опфаќаат личноста на човекот. Таа појава се нарекуваат униние, која во световната медицина е позната и како психогена депресија. Таа е широко распространета, а најстрашна последица од неа е самоубиството. За справувањето со проблемите поврзани со унинието, потребен е духовен пристап.

 

Како се изведува духовното лекување на растројствата?

- Тој што е верник, разбира дека живее раководен од Божјата мисла и никогаш не е осамен. Тој знае дека сите страдања се добри и исцелителни за спасението на нашата душа. Тој ја чувствува душата низ покајанието и се прочистува. Тоа не може да го доживее човек кој живее во атеизам. Книгата можеби не е прифатена од сите. Сепак сум православен лекар и пишувам за тоа што излегува од моето срце, од мојата душа, од тоа што го живеам. Јазикот на книгата е едноставен. Не е напишана само за стручни лица, туку и за широката публика.

 

Психичките пореметувања не познаваат граница меѓу религиите и верниците. Би им помогнале ли и на припадници на друга вероисповест или на атеисти?

- Секој човек е образ божји, како и атеистот и човекот од другата вера. Сепак во нашиот институт главниот правец е православието. Таму можам да го примам секој човек, само ако се согласува да ме слуша. Не можам да одговарам за сите. Го зборувам тоа што го знам и тоа што можам да го сведочам. Сепак треба да се прават добри дела и човекот да љуби. Љубовта ќе му го покаже патот. На човекот му е дадена слободна волја. Ако не спортува, ќе биде слаб и самиот ќе си биде одговорен за тоа. Ако не учи да чита, тогаш ќе биде неписмен. Тоа зависи од мерката на сопствената одговорност. Затоа, ако човек е атеист и не сака духовно да се развива, тогаш ќе си одговара самиот пред себе.

 

Кој приод е поефикасен за лекување, духовниот или медицинскиот?

- Едното и другото се како крилја на птица и не се исклучуваат. При психогените депресии сепак преовладува духовното лекување. Ако човек завидува што некој има подобра куќа, кола, пари, тогаш зарем треба да му дадеме таблетки за да го излекуваме. Тоа е апсурдно, бидејќи се работи за духовен проблем кој доаѓа од воспитувањето и од живеењето. Православниот приод, секако не ги исклучува биолошкиот, социјалниот и психолошкиот пристап. Тој ја надополнува сликата за личноста. Човекот не е само тело, туку и душа.

 

Во книгата стои дека до 2020 година, депресијата ќе го блокира светот. Можно ли е тоа?

- Тоа е една гледна точка од истражувањата и статистиките и ќе видиме дали ќе се случи. Но не е невозможно. Од година во година ситуацијата само се влошува и се' повеќе добиваме нешто што може да се нарече болно општество. Во светот 500 милиони луѓе имаат разни психички заболувања. Според статистиката 150 милиони од нив побарале помош за депресијата. Во Русија имаме 60.000 самоубиства годишно, а причина е душевното растројството на човекот.Превентива од тоа е луѓето да не очајуваат и да си најдат душевен мир.

Извор: весникот „Дневник“