Патријархот Вартоломеј и Патријархот Кирил сослужуваа во храмот на свети Георгиј во Истанбул (08.07.2009)
Во недела поглаварите на Цариградската и на Московската Патријаршија, Патријархот Вартоломеј и Патријархот Кирил, отслужија Света Литургија во црквата на свети Георгиј во Истанбул. Тоа беше во вториот ден од посетата на Рускиот Патријарх. Уште во сабота, по пристигнувањето на руската делегација се одржаа официјални преговори, на кои беа разгледни прашањата околу православното единство, меѓусебните односи меѓу Москва и Цариград, грижата за рускојазичните верници во Турција, развојот на поклоничкиот туризам во земјата, подготовката за Свет и Вселенски собор на Православната Црква. Разговорот траеше два часа и половина. Потоа Патријархот Кирил се сретна со турскиот премиер и освети параклис во руската амбасада.
Во својата беседа после Божествената Литургија Патријархот Вартоломеј рече: „Денес се случи најважниот настан за време на нашата посета на Светата Константинополска Црква – заедничко служење на Божествена Литургија и причестувањето со Светите Тело и Крв Господови, нашата заедница во Светиот Дух. Навистина, животот на Црквата Христова е концентриран околу Евхаристијата, во неа е полнотата, од неа животот во Црквата зема сила. Исполнувајќи ја заповедта Господова, се потсетуваме на Неговиот искупителен подвиг и, учествувајќи во една Евхаристиска трпеза, стануваме навистина едно тело и еден дух со Господ (спореди: Еф. 4, 4; 1 Кор. 6, 17), на најтесен начин соединувајќи се еден со друг. И кога, одејќи на смрт заради нас, Спасителот се молеше Неговите ученици сите едно да бидат, како што и Синот е едно со Отецот (Јован 17, 22), тогаш колку усрдно треба ние, следбениците Христови, да се грижиме за зачувувањето единство меѓу нас! А сослужувањето на Поглаварите на Помесните Православни Цркви е јасна пројава на тоа единство“.
Извор: Патриархиа.ру