Посета на Архиепископот Волокoламски Иларион на Света Гора
 
 
 
 
 

Посета на Архиепископот Волокoламски Иларион на Света Гора (11.08.2009)

Со големо велелепие на Света Гора беше прославена славата на манастирот свети Пантелејмон во чест на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон.

Во саботата, на 8. август беше отслужено бдение, кое започна во 20.00 часот и траеше до 8 часот наутро.

Со Литургијата началствуваше Архиепископот Волоколамски г. Иларион, во сослужение на Архиепископот Сергиево Посатски г. Теогност и Епископот Бомбруски и Биховски г. Серафим. Присуствуваа и цивилниот Управител на Света Гора г. Аристис Касмироглу, конзулот на Русија во Солун г. Михаил Хотиненко, јавниот обвинител на Руската Федерација г. Чајка, како и претставници на полицијата и на поморската стража.

По завршувањето на Литургијата беше направена литија со моштите на светиот Пантелејмон, околу соборниот храм на манастирот.

Архиепископот Иларион ја прочита на руски и на грчки јазик честитката од Патријархот Московски и на цела Русија Кирил. А, обраќајќи им се на илјадниците верници, нагласи: „Манастирот на свети Пантелејмон претставува дел на Света Русија, како и Украина, Белорусија и други земји кои го сочинуваат истиот духовен простор".

Исто така г. Иларион се осврна и на денешното евангелско зачало „нова заповед ви давам да се љубите едни со други“, нагласувајќи ја важноста на оваа заповед во животот на монасите, но и на лаиците.

„Ако ние коишто сме монаси не ја пазиме оваа заповед, тогаш излишно е да очекуваме да ја пазат лаиците“, нагласи во продолжение Архиепископот Иларион.

Архиепископот Иларион му подари на манастирот икона на светиот Пантелејмон, нагласувајќи дека „таа икона е изработена во Русија и е дар на еден благочестив бизнисмен, којшто се наоѓа помеѓу нас“.

На крај, г. Иларион откако се осврна на долгогодишната, над 30-годишна, служба на Игуменот на манастирот Архимандритот Јеремија, му подари надграден крст, нагласувајќи: „Возљубен о. Јеремија примете го овој надграден крст, кој е изработен во работилниците на Московската Патријаршија. Се надевам дека ќе го стоплува вашето срце и дека постојано ќе ве поткрепува во вршењето на вашата возвишена служба“.

 

                    

 

 

Извор: Romfea.gr