Посета на Александрискиот Патријарх на Албанија (07.11.2009)
Во Неделата на 01. Ноември верниот народ и клирот на Албанија доживеаја еден исклучителен црковен настан, сослужувањето на Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор и Блажењејшиот Архиепископ Албански г. Анастасиј.
Во катедралниот храм посветен на Благовештението на Богородица членовите на Светиот Синод на Црквата на Албанија ги дочекаа Претстоителите, кои за време на сослужувањето ги разменија определените пораки кои по традиција ги проследуваат ваквите посети.
Архиепископот Анастасиј ја поздрави посетата на Патријархот Теодор на следниов начин: "Секоја официјална посета на Претстоител на Православна Црква отвара еден голем прозорец во умот и во срцата на православните верници на Помесната Црква, за да ги разликуваат јасно димензиите на Православната Црква во која учествуваме "од еден крај до друг".
Помеѓу другото, Архиепископот се осврна и на мистичната врска што постои помеѓу Црквата на Африка и Црквата на Албанија, бидејќи како што нагласи самиот "...искуството на Африка беше скапоцена подготовка за движењето по непристапните и стрмни патишта на посткомунистичка Албанија и за повторното воспоставување на помесната Црква".
Патријархот Александриски и на цела Африка уште еднаш повтори за улогата што ја има одиграно Архиепископот Анастасиј како мисионер во Африка.
Потоа ја изрази радоста што ја почувствува сослужувајќи со Архиепископот Анастасиј. "Несомнено, Блажењејши, вие им припаѓате на големите личности на нашава епоха. Сите ваши дејствија се вдахновени од вселенскиот идеал на Црквата, бидејќи вашата прва љубов беше надворешната мисија", нагласи Патријархот Теодор.
На крајот од Литургијата Претстоителите разменија символични подароци. Архиепископот Анастасиј му подари на Патријархот Дискос и Путир што го символизира литургиското единство на сите Претстоители кога се споменуваат во диптисите на секоја Литургија.
Од своја страна, Александрискиот Патријарх ја прочита одлуката на Светиот Синод на Александриската Патријаршија, со која на Архиепископот Анастасиј му се доделува наградата Голем Крст на Свети Марко во знак на благодарност за неговиот пастирски придонес во Африка.
Исто така му подари енколпија во форма на орел, Крст за Света Трпеза изработен од монасите на манастирот Свети Антониј.
Попладнето Патријархот и членовите на делегацијата која го придружуваше, го проследија празничниот концерт што го имаше подготвено православната младина "Деца на Светлината" по повод 80 – от роденден на Архиепископот Анастасиј. Присутните проследија и еден документарен филм за животот и делото на Архиепископот Анастасиј.
На крајот од манифестацијата, Патријархот Теодор зеде збор и, длабоко трогнат, ги поздрави сите млади кажувајќи им дека: "вашиот Архиепископ, како и апостолот Павле, не посакуваше ни злато ни сребро, туку посветеноста на Христа, изразувајќи ја на дело својата љубов кон Христа".
"Кога го видовме фимот просолзивме за бедната состојба во која се наоѓаше Црквата на Албанија кога дојде Архиепископот Анасатасиј. Господ, преку вашиот Архипастир, ви дарува и ќе ви дарува уште многу работи. Видов со колкава радост во вашите песни и ора ја изразувате благодарноста кон Архиепископот. Кога ќе се вратам во Африка и ќе заиграм во гласовите на тимпаните на илјадниците мои Африкански деца, ќе ве имам и вас во моето срце. Кога после многу години вашата Црква ќе напредне, тогаш ќе се сетите на човекот што ја воскресна".
Патријархот посака да се врати после 20 години за да го прослават 100 – от роденден на Архиепископот Анастасиј.
Обраќајќи им се на младите, архиепископот анастасиј нагласи: "Не наоѓам зборови да заблагодарам. Моето срце е поплавено од длабока трогнатост која ја изразува зборот "благодарам". Од срце ви посакувам љубов, радост, мир и постојано со Христа".
Следниот ден Патријархот Александриски и на цела Африка г. Теодор имаше средби со претседателот на Република Албанија, Премиерот, претседателот на Парламентот, Министерот за надворешни работи, Градоначалникот на Тирана и со други високи државни функционери, како и со претставници на странски амбасади во Албанија.
Извор: Ромфеа